ДЕСЕТИЦИ ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ: Болниците подготвени за евентуален следен удар


Десетици граѓани се повредени во земјотресот со јачина од 5,3 степени според Рихтер што го погоди Скопје попладнево во 15 и 10 часот. Сите се со полесни повреди и истите се хоспитализирани во државната и во градските болници. Влезовите на сите здравствени установи се отстранети сите возила за да бидат веднаш проодни во случај на посилен земјотрес.

Не постои сеизмолог или експерт по земјотресно инженерство кој може прецизно да каже дали ќе има или не нов земјотрес, вели првиот човек на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИИС) Михаил Гаревски.

Според него, земјотрес со магнитуда од 5 степени според Рихтер не би требало да направи оштетувања на главната конструкција на зградите.

kliniki- brza pomos urgenten

Четириесетина лица побарале помош во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а уште толку во градската болница „8 Септември“.

Најчесто се повредиле при бегање од своите домови, а неколкумина се со скршеници. Во болницата „Наум Охридски“ се задржани на лекување тројца пациенти, меѓу кои и една жена која паднала од тераса од прв кат, при што се здобила со скршеници на нозете. Во болницата „8 Септември“ нема задржани пациенти со повреди од денешните земјотреси.

Два пожара се случиле во населбата Аеродром и два во населбата Чаир. Пожарите биле предизвикани од запалени електромотори на лифтовите поради краток спој што бил предизвикан од потресот.Во скопската населба Железара се забележани најголеми оштетувања. Во црвените згради во населбата паднал оџак кој згмечил автомобил, каде што за среќа нема жртви или повредени. Зградите се уништени, забележително е дека циглите од надворешната страна се искршени и паднати на земја.

Според податоците од скопската опсерваторија, земјотресот што беше регистриран попладнево во Скопје во 15:10 часот бил со магнитуда од 5,3 степени според Рихтер. Сеизмолозите не можат да предвидат дали ќе следува уште еден земјотрес. Според сеизмолошкиот кодекс, не смеат да се даваат краткорочни прогнози и какви било предупредувања за земјотреси бидејќи на тој начин се создава голема паника кај населението.

Единствена и најсигурна заштита од земјотреси, велат сеизмолозите, е добрата градба со одреден асеизмички дизајн во однос на изложеноста на подрачјето на ризик од потреси.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1