Француски војник сонил па го изградил црквичето Свети Димитрија


Мало црквиче од камења, но со голема историја! Ретко кој знае да ја каже целата вистина, зошто и самиот дарител/ градител не ја пренесол целосно, ја сочувал тајната.

Се знае само дека за време на некои војни, се претпоставува за време на Првата светска војна, француски војник или офицер бегал да не го убијат. Сам, гладен, изморен, истоштен, легнал под еден голем стар даб. Заспал и на сон му излегол светецот Свети Димитрија, нарачувајќи му дека спие на свето место каде некогаш имало стар урнат манастир, и дека ќе кутрули, ќе се спаси, ама да му изгради црквиче.

Францускиот војник го остварил својот завет, се вратил со војници и направил црквиче, за да се означи местото каде некогаш навистина имало црква. Веднаш до селото Долно Дупени, односно до границата со Грција, на местото наречено Маркова Нога.

Нецели стотина години потоа сон и се сонило на Милица од Струмениковци, дека треба да изгради црква (а како млада со друштво кога со чунка ноќе залутале низ разбеснетите преспански води, си се заветила ако преживеат некогаш ќе му се оддолжи на Свети Димитрија).


Во 1990 година, таа и нејзиниот сосед Лазор Ничевски биле иницијатори за изградбата, почнале да копаат околу црквичето и лесно ги нашле старите темели. Но, требело да го сечат стариот даб, а не сакале. Со совет на Владиката ги ставиле новите темели во непосредна близина, затоа што тоа цело место е ваковско (свето). Милица, пред дваесеттина години со 1.000 тогашни марки ги удрила темелите, дарувала жрвта јагне (ставиле во темелите, масло и шише со писмо во кое нешто пишувало), а Владиката Петар ги осветил. Потоа, собирала пари од селаните, од верници, и таа и Лиле Макаровска, а најголема помош дал Лазор, собирајќи пари, ангажирајќи мајстори, грижејќи се за се. заедно со други дупенци.


Црквата е готова, Милица не го дочека осветувањето. Почина ненадејно на 18 септември 2006 година.

За целосната изградба на црквата се погрижија жителите на селото, Лазор долго време го имал клучот, а сега за тоа се грижи друг човек.

-Еве, црквата е готова, во форма на впишан крст, висока десет метра, а има десет метра должина од вратата до олтарот. не е само осветена. Владиката Петар не сака да ја освети затоа што внатре во олтарот не направивме масиче. Да се најде донатор и да се направи масичето. Го направивме иконостатосот, еден охриѓанец го резбаше и ни зеде скапо 5.000-6.000 евра, ама искрено не сме многу задоволни како излезе. А некои од иконите се напишани на грчки јазик, тој што ги правеше беше Русин кој живееше во Атина.


Свети Димитрија Солунски е голем светец. Си го викаме Свети Митрија. Има и чешма во дворот. Дежда од Америка донираше за чешмата. Кој што можеше, колку што можеше помогна. Останува уште да се освети, да почнат овде млади да си се венчаваат, да се крштеваат дечиња, да се празнуваат празници, да се слави, вели Лазор, во Преспа познат како Љаље, матичарот во Крани.

Тој додава дека имале идеја во стариот даб, кој исто го сметаат за ваковски, да се направат скали и платформа каде ќе можеше луѓе да се качат, да си поседат, да си се напијат нешто. Интересно е што иако околу секоја црква има смок (за кој велат е чувар),а луѓето околу старото црквиче често пати го виделе, во новата црква засега не се има појавено.
Да се освети Свети Митрија, да се исполни целиот завет кон светецот Свети Димитрија Солунски.

Tags: , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1