Генерал од “Златна зора” ќе одлучува за Резолуцијата за Македонија во ЕП


Јоргос Епитидеиос, грчки генерал во пензија и член на раководството на неофашистичката партија “Златна зора”, кој на последните европски избори стана член на Европскиот парламент, денеска е избран во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, тоа значи дека генералот во чија војска пред неколку години војниците пееја песни за “дерење на кожата на цигано-скопјаните”, во иднина ќе биде еден од 71-те европратеници во АФЕТ што ќе одлучува и за Резолуцијата што ЕП секоја година ја носи за Република Македонија, земја-кандидат за членство во ЕУ.

zlatna-zora500Денеска, на седница на Европарламентот во Стразбур, во Комитетот за надворешни работи беше избран и Андреј Ковачев (ГЕРБ и ЕПП), кој во минатото даваше најголем број негативни амандмани на Резолуцијата за Македонија, но радува тоа што ниту еден друг сериозен противник на нашата земја од источниот сосед не влезе во оваа, единствено важна комисија на ЕП за Македонија.

Од Бугарија, покрај Ковачев, во АФЕТ влезе и претставникот на турската партија ДПС, Илхан Кјучјук, кој не се очекува да се однесува негаторски кон македонскиот народ, јазик и држава.

Затоа, пак, останува проблемот со грчките европратеници, па, така, покрај генералот од неофашистичката “Златна Зора”, нови европратеници во АФЕТ од Грција станаа и Никос Андрулакис (ПАСОК/СиД), Манолис Кефалојанис (Нова Демократија/ЕПП) и Софија Сакорафа (СИРИЗА/ГУЕ-НГЛ).

Сите тие се очекува заедно со Ковачев да опонираат на употреба на уставното име Република Македонија, како и на придавката “македонски” во Резолуцијата што пред крајот на годинава ќе се гласа во Европскиот парламент врз основа на октомврискиот прогрес-извештај на Европската комисија за македонскиот напредок во евроинтеграциите.

Од друга страна, голем број од македонските пријатели во АФЕТ во минатото, исто така, остануваат дел од Комитетот на ЕП за надворешни работи. Тука е Туне Келам (Естонија/ЕПП), Тонино Пицула (Хрватска/СиД), Иво Вајгл (АЛДЕ) и Алојз Петерле (ЕПП) од Словенија, Едвард Кукан (Словачка/ЕПП) и Чарлс Тенок (ЕЦР/Британија).

Нови имиња во АФЕТ, но целосни поддржувачи на Република Македонија се Андреј Пленковиќ и Јозо Радош од Хрватската демократска заедница и Европските народни партии. Но, затоа во друг комитет влезе досегашниот силен македонски поддржувач во АФЕТ – Давор Иво Штиер (ХДЗ/ЕПП).

Она што е сигурно е дека известувач од Европарламентот за Македонија ќе остане Британецот Ричард Ховит (СиД), кој остана во АФЕТ, како претставник на неутрална Велика Британија во однос на проширувањето на ЕУ, но и на Лабуристичката партија, која е лево-ориентирана.

Годинешната Резолуција на ЕП, за Македонија и останатите кандидати и потeнцијални кандидати за членство во Унијата, се очекува да се донесе до крајот на оваа година, но е можно и на почеток на 2015 година, откако во октомври, Еврокомисијата ќе го издаде најновиот прогрес-извештај за земјата.

Изминатите пет години, ЕК и Европарламентот издаваа позитивни извештаи и Резолуции со препорака за итен почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, но поради грчката блокада во Европскиот совет, а поради наметнатиот спор за името – земјата не може да напредува во евроинтеграциите.

МИА

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1