Интервју: Eye cue – рок ен рол, смели текстови, луди спотови


Неодолив рок ен рол ритам надополнет со смели текстови, но и со луди и некогаш контроверзни идеи за видео записите на нивните теми, бендот Eye cue е екипата која изминативе неколку години го добива заслуженото внимание од балканската публика.

Нивната неодамна објавена песна “Иста патека” и впечатливиот видео запис се причина да поразговараме со фронтменот на групата, Бојан Трајковски.

  • Повторно интересна нумера во етерот запишана под името на Eye cue. “Иста патека” како последното нешто од Вас. Збор- два за песната..?

Бојан: Песната е авторно дело на бендот и е снимена во студиото “Enterprise” на Валентино Скендеровски. Во онаа песна за прв пат се појавува нашиот нов басист Марио Рудан и мислам дека одлично се вклопи во приказната. Сметам дека добрата енергија во бендот ја пренесовме и во песната.

  • За визуелизацијата и овој пат задолжен Огнен Шапковски. Како помина снимањето на спотот-безбедноста на прво место? 🙂

Бојан: Да и овој пат Огнен Шапковски беше задолжен за визуелниот дел на песната и мислам дека се надмина себе си со овој видео спот, вистинско ремек дело. Секако имаше асистенција од останатите во тимот, Кристијан Теодоров (камера) и Влатко Чочоровски (сценографија).

За безбедноста при снимањето на деликатните сцени беше задолжен Томи, кој е прифесионален алпинист и кој успеа да не обеси сите од бендот, а при тоа да не ни фали ни влакно. 🙂

  • “Иста патека” покрај успесите на домашните топ листи, добива одлични критики и од окружувањето. Дел сте од врвот и на топ листата “Домачица” на MTV Adria. Задоволни сте како до сега поминува песната кај публиката?

Бојан: Песната имаше ексклузивна премиера на MTV каналот, потоа влезе на листата “Домачица”, стигна до второто место и сега после неколку недели се уште е во првите пет. Задоволни сме од медиумската застапеност и тоа предизвикува доста позитивни реакции кај публиката.

  • Сепак топ листата “Домачица” не е некоја новост за Вас, бидејќи одлични пласмани на оваа топ листа имавте и со други песни. Некако се одомакинивте на “Домачица”.

Бојан: Да, точно е, не сме прв пат на листата. И “Не заборавај” и ”Not this time” своевремено се најдоа на листата на MTV. ”Not this time” беше број 1 и меѓу највртените 20 песни за 2010 година. Нас како бенд не ни е пресуден пласманот на листата меѓутоа драго ни е кога сме во друштво на добри бендови од регионот.

 

  • Преработката на нумерата  “Не заборавај” на Калиопи, ја направивте во соработка со Леа.  За “Иста патека” истата екипа е потпишана само како Eye cue. Почувствувавте потреба од женски вокал или едноставно се најдовте со  Леа  на “иста патека” ?

Бојан: Тоа беше преоден период кога не знаевме по која патека да одиме. Сега одиме по иста патека и сакаме да видиме каде ќе не одведе. 🙂 Не бевме во потрага по женски вокал, едноставно се покажа дека подобро функционираме и звучиме заедно со Леа и додека е тоа така ќе бидеме заедно. Сега Леа е официјален член на бендот и заедно со Марио (новиот басист) е дел од приказната Eye cue. Се водиме по музичкиот инстинкт кога се работи за нови членови во бендот.

  • Веќе 5 години, активни на македонската сцена, а зад Вас само еден албум. Знам дека сите Ве прaшуваат за тоа, но морам и јас- Кога конечно ќе го добиеме вториот албум?

Бојан: Во последно време  не се оптоварувавме со датуми за албум, туку се трудевме да одржиме континуитет во работата и редовно да ја освежуваме публиката со нови синглови. Па тоа не доведе до позиција да имаме материјал и за повеќе од еден албум, така да ќе следуваат интересни изненадувања од бендот. Во наредните неколку месеци планираме да е готов албумот и за некое време ќе објавиме и датум!

  • Какви се плановите на Eye cue за останатиот дел од летово- ќе одмарате или ќе работите?

Бојан: Летните активност бендот ги определи уште зимоска и за сега добро се држиме до планот. Во досегашниот дел од летото доста време поминавме во студио и веќе е снимен дел од новиот материјал. Сега ќе одмориме еден период и потоа повторно се враќаме во студио да си го довршиме домашното. 🙂

Во очекување  на новиот материјал од Eye cue Ве оставаме да уживате во нивниот последно-објавен сингл надополнет со одличен видео запис.

Tags: , ,

Славицa Савеска Кењереш

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1