Косово се откажа од барањето за членство во УНЕСКО и Интерпол


Приштинските власти синоќа соопштија дека се откажале од барањето на Косово за членство во УНЕСКО и во Интерпол.

Косовското Министерство за надворешни работи соопшти дека „прагматичното одложување“ на барањето на Приштина за членство во Интерпол и во УНЕСКО е засновано врз целосна и блиска соработка со САД, Британија, Франција, Германија и Италија.– Министерството за надворешни работи оценува дека тие акции придонесуваат за зајакнување на меѓународната положба на Косово, натамошно унапредување на односите со партнерските и сојузничките земји, гарантирање безбедност и унапредување на мирот во регионот, се наведува во соопштението.

Од друга страна, во документот околу процесот за поднесување барање од страна на Косово за прием во меѓународните организации, се додава дека процесот за стекнување членство на Косово во регионалните, континенталните и светските организации, односно ОН и агенциите поврзани со нив, и понатаму останува приоритетна цел на Приштина.

– Косово досега се придружи на повеќе од 60 регионални, континентални и глобални организации и секоја акција на поднесување барање, процедура или процес за добивање членство, се презема во целосна и блиска координација со стратешките и историските сојузници на Косово, односно САД и ЕУ, се потенцира во соопштението.

Косовското МНР истакнува дека заедно со Владата дејствува на координиран и одговорен начин, штитејќи го „националниот интерес“ на Косово.

– Какви било други тврдења со цел да се создаде негативна слика во јавноста се неразумни и непрофесионални, се заклучува во соопштението на МНР во Приштина.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1