КРАЈ НА ЕДЕН ОЧЕКУВАН КРАЈ – Amy Winehouse


По повод годишнината од смртта на Amy Winehouse.Текст објавен на овој ден минатата година. Автор  Disko Selektor – Dragan B.Kostic

Стомната оди на вода, се додека не се скрши, вели старата народна.Речиси очекувано одекна веста за смрта на Amy Winehouse! Додуша никој не очекувал толку скоро, по дебаклот во Белград, но како трагична, финална завршница, на угорниот пат, кој не водел веке никаде, освен…кон единствената можна цел, да…во некое догледно време, доколку таа не ја извади главата од песокот во кој секогаш при судбинска закана, ја криела..Да ли можеби таа трагична завршница можела да биде избегната?

Повеќе од сигурно дека куп луѓе, најблиските, семејството, пријателите, соработниците, правеле напори, применувајки се што верувале дека ќе може да ја врати во некаков нормален животен колосек. Но таа таквиот одамна го напуштила. Впрочем како и никогаш да не се движела по него.Личност кај која реалноста и фикцијата биле целосно измешани, и која впрочем и немала долг естраден стаж за да тој биде дисциплинската единица за професионалноста на која и најдевијантните ликови на естрадната историја безусловно и се покорувале, без оглед на состојбата во која се доведувале. Дисциплираната потсвест секогаш им помагала да градат два паралелни лика, приватниот и професионалниот (Janis Joplin,Jim Morrison, Billy Holliday…), кои за жал кај Amy се испреплетени до Гордиевиот чвор, но за жал Александар го немало да се појави за да го среди со еден удар.

Имитација на таквиот, во ликот на Blake Fielder-Civil, проблематична личност која ја движи Amy во насоката која како веќе да и е зацртана, е само придонес повеќе во се побурниот хаос во кој таа организирано се врти во круг, само подзасилуувајки го, со сопствени речиси веќе предвидливи потези. Љубовта може да биде посилна од се, но вистинската, а нивната очигледна не била таква. Иако крунисана со брак, набргу распечатена, е само сол во ионака пресоленото јадење, нарекувано живот.Кај Amy се помалку се зборува за музика а се повеќе за она што од неа никогаш не би направило интернационална ѕвезда.

Општиот впечаток е дека нејзиниот менаџмент сноси огромна вина за влошувањето на ионака лошата состојба, по кусите рехабилитациони процеси, повторно доведувајки ја под естрадното светло кое на неа делува како адреналин, раздвижувајки ја, но секогаш во негативната насока! Два албуми ( регуларни, студиски ) за единаесет години? Премногу малку, за статус на врвна пеjачка, еден од најголемите таленти на 21-от век. Кариера одржувана врз толку мал (а исклучително квалитетен) опус, растегнуван со неброените испади, надвор од кодексите на морално устројство кое (би требало ) го движи и одржува светот. Некои луѓе не можат да му се прилагодат, имаат свои правила, надвор од сите правила, и таквите естаблишментот ги осудува, бидејки му ги разнишуваат темелите.

Тие продолжуваат да живеат по нив (и во нив) без оглед како ние, како дел од естаблишментот (по определба, уверување или по навика) на кој му припаѓаме, гледаме на нив. Elton John, George Michael, се само дел од бескрајната низа такви кои не го живеат животот како ние од естаблишментот, но тоа ним не им пречи..а најискрено, ниту нам, бидејки и натаму извонредно ја извршуваат работата заради која постојат (професионално). Amy одеше по еден пат следена од милионска армија почитувачи.

Скршна на првото поголемо раскрстување од одбраниот пат, на поинаков, но повторно самостојно одбран. Оние кои требаа посериозно да ја предупредат за грешката, не го сториjа тоа навреме (барем не доволно авторитетно и упорно). Подоцна само ги подзаскриваа последиците, привремено санирајки ги. Следбеничката армија ја следеше и по новиот пат, верувајки дека на него таа ке блеска, како и во почетокот на заедничкиот од, почит исполнета и со голема доза сочувство и би рекол сожалување. Но во естрадниот свет, таа категорија – СОЖАЛУВАЊЕ е непојмлива.

Во едно свое интервју на Radio One 1991 Bono Vox , ќе ја каже сета вистина во една реченица: “Целиот тој систем на автодеструкција, целиот тој sex, drugs& rock ‘n’ roll, сето тоа е терање вода на млинот на корпорациите, тие тоа го нарекуваат “вградено застарување”..направи една ѕвезда да согори за да заработиш брдо пари на неа, па најди друга…се е тоа тешко срање!”.
Тоа е како колективна одговорност, како општествена соспственост, сечие а ничие, сите а никој.. виновник нема а жртва има во полза на одбраните. Да, Amy е само уште една во таа фамозна низа од 27 (како Janis Joplin. Jim Morrison, Curt Cobain, Jimi Hendrix, па и нашиот Тоше Проески ), но и низата на оние со 28, 29,30 или 26, 25 е исто така голема. Жално што еден млад живот, кој од анонимусот на сопственото опкружување излегол заради неспоредливиот талент, кој само распламсан, но не и разгорен, згасна пред да згрее студени души. Само ги допре и им го остави својот неизбришлив белег.

Белградскиот концерт беше финалната сцена на претставата “Amy Winehouse”, а смртта, спуштањето на завесата. Обидувајки се, можеби и пред самите себе си, чувствувајки вина без вина, да се правдаат, во нејзино име, организаторите на концертот македонските Авалон, во еден текст на фејсбук ќе наведат дека “луѓето и не се свесни дека можеби присуствувале на историски концерт”.Колку биле далекугледи, и не сакајки. Каму сре}а да згрешеле, да бил тоа само еден од низата вообичаени концертни испади, кои следниот албум сигурно би ги ставил под велот на заборавoт.

Но албумот го немаше, а реалноста е сурова игра во која секој од нас, со невнимание, може да ја добие главната улога. Пред многу години напишав: “Мешавина на Лидбели, парна машина, Каламити Џејн, Беси Смит, хидраулична дигалка и виски, уфрлена во дваесетиот век, некаде меѓу Ел Пасо и Сан Франциско.Тоа е Џенис Џоплин!”. Сменете некои од географските одредници, додајте некои други, споредсопствен избор ликови, добро протресете го..и производот на коктелот со друго име – Amy Winehouse ќе го има истиот вкус.

Почивај во мир, иритирачка, неразбрана, непредвидлива и неспоредлива пеjачке, но и жено која си го барала, речиси од самиот почеток, сопствениот мир, надвор од оноj кој Ти бил нуден. Можеби конечно си го нашла надвор од нашите погледи, кои како дел од нашата ненаситна човечка љубопитност, не Ти дозволиjа да бидеш позната меѓу познатите и обична меѓу нас анонимните.

Tags: ,

MK News

Автор инфо

One Response to “КРАЈ НА ЕДЕН ОЧЕКУВАН КРАЈ – Amy Winehouse”

  1. WordPress › Error

    There has been a critical error on this website.

    Learn more about troubleshooting WordPress.