Монокл (НЕ)СЛУЧАЈНИ СЛУЧАИ


Но, ако за миг повторно се вратиме на терминот случаен, ќе констатираме дека навистина ништо не е случајно, односно дека случајно е само неслучајното и неслученото.

Пишува: Христо Петрески

Во поново време, на сî поголем број возила (главно автобуси и комбиња) забележувам истакнат натпис “случаен превоз“. Што значи тоа, дека превозникот случајно нашол патници за да ги вози, или патниците случајно го пронашле превозникот за да ги однесе од едно на друго место.

Сепак, најверојатно, во прашање е првата опција – дека превозот на таа и таа релација и од тој и тој превозник не е редовен, односно дека тој е вонреден. А, кога е вонреден – не мора (зошто да не?), но може да биде и извонреден. Овој термин е, се чини, најсоодветен, зашто е спротивното од редовен и постојан, а не звучи грдо како случаен, непостојан и слично.

Не така одамна, на истите тие или на некои други и слични на нив автобуси и комбиња пишуваше “слободен превоз“, што (се согласувам) не е најсоодветно решение, зашто тогаш другиот превоз треба да се подразбере како неслободен. Значи, превозникот киднапирал одреден број патници и истите ги шета, т.е. малтретира и третира како заложници. Го има и тоа, но сепак, изборот на превозот и превозникот најчесто е личен и слободен.

Но, ако за миг повторно се вратиме на терминот случаен, ќе констатираме дека навистина ништо не е случајно, односно дека случајно е само неслучајното и неслученото.

Има илјадници наслови на книги кои го содржат зборот случај. Една од најпознатите е “Случајот Вагнер“ од Ниче, но тука се и: “Случајот Хамилтон“, “Случајот Рафаел“, “Случајот на Чарлс Декстер Ворд“, “Случајот Мартиновиќ“,  “Случајот Жанко“,  “Случајот на Андреја Хебранг“, “Случајот Кобра“, “Случајот национална машина“, “Случајот на патоказот“,  “Случајот на мистериозната смрдеа“ и тн. и тн…

Значи, во некои случаи – “случаи“ се некои личности (со и без сличности и безличности), а не ретко и најразлични појави, а многу често и самите автори. Да не Ве потсетуваме на Салман Ружди и другите, но никако не смееме да ја заборавиме неповторливата книга “Случаи“ од Данил Хармс.

А, кога е во прашање случајноста, ете, не ретко се случува некој случајно да си ја скрши ногата или раката, или да ги заборави чадорот, ракавиците, капата… или да биде повреден (недај боже и да погине) на отворена пруга или пешачки премин, но може да се случи и тоа случајно да си ја најде, сретне и препознае идната сопруга или таа него, а сето тоа поради една и единстевна случајна средба, случаен поглед, случајна насмевка и илјада и една друга случајност, кои воопшто не се случајни.

Случајното е роден брат или побратим (никако братучед или друг подалечен роднина) на неслучајното. Затоа, смешно и жално звучат оправдувањата дека некој случајно задоцнил на некој состанок, или дека случајно поминувал тука и дошол да Ве види. Не, нема случајности. Има само изговори и оправдувања, коинциденции, телепетии и слично, кои воопшто не се случајни. Тој што задоцнил на состанок тргнал предоцна од дома, па не задоцнил затоа што немало автобус или такси, туку затоа што премногу доцна го напуштил својот дом, а тој што божем случајно наминал кај Вас за да Ве ѕирне – сигурно имал добра и вистинска причина да го одбере токму тој пат и токму Вас за средба. Во спротивно, има толку многу патишта и луѓе, што попуст ќе Ви биде напорот случајно да сретнете некого, случајно да го застанете на улица и да го убедите во нешто и за нешто и случајно притоа да си ја завршите работата. Повеќе од сигурно е дека тоа нема да Ви се случи ни случајно, ако претходно не е договорено, ако не постои добра причина и ако и двајцата соговорници не се среќаваат прв пат и ако не се само случајни намерници и познаници.

Па, што е тогаш случајното во неслучајното, случајното при неслучајното, освен дека некој го чистел балконот и невнимателно турнал полна саксија со земја и цвеќе, па ја погодила токму вашата глава додека сте поминувале, па или сте завршиле во болница, или не се ни сеќавате веќе ни на цвеќето, ни на балконот, па ни на Вашата, а не пак на туѓата глава. Ако случајно не сте биле во тој миг под терасата – можел да биде некој друг, но можело и да не помине никој, но не е проблемот во случајните минувачи, туку во невнимателната и преамбициозна чистачка или домаќинка која и премногу го чисти балконот и е љубителка на цвеќиња, но не и на скршени глави, завои, судења, вештачења, оштетни побарувања и слично.

Затоа, не препуштајте ништо на случајот и случајното и бидете среќни ако сî уште сте исправ(е)ни и здрави, а за сî друго неслучајно и неслучено – “ќе се договориме“. Живи биле па виделе, а можеби еден ден и раскажувале…

Пишува:

Христо Петрески

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1