Никој не кажува дали јадеме генетски модифицирана храна во Македонија


Агенцијата за храна не одговара дали во земјава има генетски модифицирана храна за луѓе или за животни Инспекторатот за земјоделство тврди дека нема ГМО во семињата и во храната за животни.

Законската регулатива за генетски модифицирана храна и организми е обемна и по европски и по светски стандарди. Но, контролата не е. Ниту се формирани сите тела и комисии што треба да се занимаваат со оваа проблематика ниту, пак, надлежните вршат контрола во единствената и добро опремена лабораторија што ја поседуваме од 2006 година.

Пишува Теофил Блажевски за Граѓански весник

Многу чувствително прашање за здравјето на луѓето, животните и за човековата околина – генетски модифицираната храна (ГМ) во Македонија се третира несериозно. Државата уште од 2001 година, со потпишувањето на Протоколот од Картагена за безбедност при модификацијата на живите организми, навлезе во законското регулирање на оваа материја. Но, и покрај многубројните и прецизни закони (Закон за ГМО, Закон за безбедност на храната, Закон за семенски и саден материјал…), не постои целосна и уверлива контрола што влегува во земјава, а е генетски модифицирано.

Институциите што се надлежни за ова не ја користат единствената лабораторија за ГМО, која е опремена со современи апарати и е акредитирана уште од 2006 година. Тие се потпираат само на сертификатите што ги приложуваат увозниците, иако сè што се увезува од земји надвор од ЕУ, а со кои немаме билатерален договор, треба да биде и дополнително контролирано во лабораторијата. Покрај ова, не знаеме и дали јадеме генетски модифицирана храна, зашто надлежните за контрола на храната воопшто не одговорија на нашите прашања. Надлежните, пак, за храна за животни и за семенски и саден материјал не регистрирале увоз на ГМ храна и семиња, но и тие ни потврдија дека нема лабораториски контроли. На рафтовите во продавниците не може да се сретне ГМ обележана храна, но тоа не значи дека ја нема, особено ако е увезена надвор од ЕУ, вели еден од нашите соговорници.

Научните откритија не нè засегаат

ГМО (генетски модифицирани организми) е релативно нов термин и за него се зборува во последниве две-три децении. Во светот, во текот на овој период, се разви вистинска војна про и контра, а поделеноста е слична на блоковската за време на студената војна. Минатиот месец светската јавност беше шокирана од откритието на француските научници кои, по двегодишно испитување, излегоа со податоци за штетноста на ГМ храна врз животните, конкретно за еден тип пченка од американската компанија „Монсанто“. Во Македонија надлежните не слушнале за ова.

А, спомнатата компанија, како што неофицијално дознавме, има свој бизнис-партнер и во Македонија. Поставивме прашања до две клучни институции, дали во Македонија се регистрирани увоз и дистрибуција на ГМО храна за луѓе или за животни, дали има ГМО производи од спомнатата компанија и дали на нашите ниви се засадени култури базирани врз ГМО семенски материјал и, конечно, како се врши контрола. Официјален одговор добивме само од една, Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), додека Агенцијата за храна и ветеринарство остана нема, иако вети одговори, а и законски е обврзана да го стори тоа, според член 11 од Законот за ГМО.

-Во Македонија досега немаме регистрирано увоз или дистрибуција на ГМО семенски или саден материјал или, пак, увоз на храна базирана врз ГМО што би се користела за животни – вели директорот на ДИЗ, Румен Стаменов.

Минатата година, на нивна иницијатива, извршиле проверка на увезено брашно од Србија, наменето за прехранбената индустрија. -Увозникот ни донесе потврда од српските лаборатории дека брашното, од аспект на ГМО, е чисто, односно произведено од конвенционални култури – изјави Стаменов, појаснувајќи дека со надлежното министерство од Србија имаат потпишано договор според кој сертификатите од нивните институции се признаваат во земјава. Стаменов вели дека, според сознанијата на Инспекторатот, во Македонија нема ниту насади од ГМО семиња или саден материјал за кој било тип земјоделска култура. Но, тука доаѓаме и до клучното прашање, како се прави контролата?

Лабораторијата за ГМО не се користи

Во македонските закони за оваа материја секаде се провлекува една реченица – „…ако нема негативни ефекти врз здравјето на луѓето, животните и животната средина“. Токму ова го наметнува прашањето – како ќе знаеме дали некое семе, или храна за животни или за луѓе не се штетни за здравјето? Одговорот е едноставен – преку испитување што го вршат странци или ние. Но, Македонија сè уште не врши вакви научни испитувања ниту, пак, рутински испитувања за детекција на ГМО (освен делумно приватниот сектор), a и кадровските потреби за оваа проблематика не биле задоволени.

-Во Инспекторатот имаме Одделение за хортикултура и ГМО, но поради недостиг од кадровски ресурси сè уште немаме инспектор со решение за ГМО. Но, набрзо ќе го решиме и тоа – вели Стаменов.

Во однос на контролата, тој вели дека во земјава има само една добро опремена лабораторија за ГМО на Факултетот за земјоделство и храна, но сè уште не ја користат затоа што раководителот бил отсутен подолго време од Македонија. Но, и покрај тоа, Стаменов минатата година извршил обука на своите инспектори за брзо препознавање на сомневања за присуство на ГМО во храна.

Професорот Зоран Поповски, кој раководи со лабораторијата, вели дека проблемот не е во неговото отсуство, туку во незаинтересираноста на надлежните, иако опремата е современа, со милионска вредност и засега ја искористиле, на своја иницијатива, само триесетина домашни компании. Останува нејасно како може државата, при поседување лабораторија за ГМО, да не ја користи или тоа да зависи од фактот дали раководителот е присутен во земјава или не.

-Во Словенија постојат две акредитирани лаборатории, а државата е обврзана годишно да направи најмалку 50 проби, со цел постојано да ги држи во кондиција и опремени со материјал за испитување – вели Поповски.

Очигледно, контролните механизми не функционираат целосно. Ако семенскиот материјал или суровините за производство на храна доаѓаат од земји на ЕУ, тогаш им се верува на документите на увозниците и на декларациите на некоја од мрежата од 120 лаборатории на ЕУ, овластени за сертификати за ГМО. Но, ако доаѓа од Азија, Северна или Јужна Америка, тогаш таквиот материјал треба да се испита од аспект на ГМО. Според нашите сознанија, не се вршат испитувања од овој тип, со што може да се констатира дека од аспект на генетски модифицирана храна Македонија само делумно знае што јаде.

ЕУ со двојна политика кон ГМО

ЕУ има променлива политика кон генетски модифицираната храна и производи, што е резултат на борбата на двете лоби-групи. Првично, во 1998 г. била широко прифатена храната што се одгледувала за комерцијална продажба или за храна за животни, а потекнува од ГМО култури, посебно пченката и компирот на најголемиот светски производител на ваков тип храна, „Монсанто“. Веќе наредната година ЕУ вовела мораториум што траел до 2003 година, кога ЕК донела директива според која не постои разлика помеѓу органската, класичната земјоделска храна или генетски модифицираната храна, со забелешка дека ГМ храната мора да биде безбедна за луѓето.

Во оваа директива и во сите наредни постојано се нагласува „нужната коегзистенција“ меѓу конвенционалната и ГМ храната. Тоа значи дека на земјите им се препорачува да се придржуваат до начелата на слободен пазар, но им се дозволува на националните законодавства да постапуваат и поинаку. Токму затоа, голем број земји од ЕУ, особено големите, имаат некој вид рестрикција кон некои ГМО култури и воопшто кон ГМО, а исклучок е Шпанија, која масовно произведува пченица и пченка, особено од 2005 година наваму.

Од 2009 до 2011 година ЕК спровела повеќе истражувања на своето законодавство, со цел, конечно, да го затвори поглавјето ГМ храна и поделбите во Унијата. Како резултат на тоа, во 2010 г. бил поднесен нов предлог, сличен на директивата од 2003 г., со кој ГМ храната се третира како еднаква со другите, но на националните законодавства им се препорачува дека ако забранат некој тип, тогаш да дадат јасно објаснување и научна аргументација зошто го прават тоа. За лидери и целосно слободни ГМО-земји се сметаат Русија и Полска.

Од друга страна, САД и Канада се лидери во производството и во комерцијалната употреба на ГМО храната, било за луѓе, било за животни, и покрај многубројните негативни реакции и на дел од научната јавност, а особено на невладините организации за заштита на човековата околина. Тоа лидерство во Северна Америка и актуелната борба про и контра во цел свет се должи на два факта.

Според светскиот печат, на големиот економски интерес, од една страна, и на корупцијата како помошно средство за остварување на првата цел, од друга страна. Најобвинувана за корупција, дури и од конгресмени во американскиот Конгрес, е компанијата „Монсанто“ – глобален лидер во производството и во истражувањето на ГМО храната. Нејзини најпознати производи се пченката отпорна на инсекти, култури од овес, но и зеленчуци-пиперки, домати, моркови.

Не можам да тврдам дека не консумираме ГМ храна

Д-р Зоран Т. Поповски – професор на Факултетот за земјоделски науки и храна и раководител на Катедрата за биохемија и генетско инженерство во чии рамки се наоѓа лабораторијата за ГМО: Најмалку што треба да направиме е да воспоставиме систем што ќе оневозможи неконтролиран увоз и употреба на храна добиена со генетска модификација

Раководител сте на лабораторијата за контрола на ГМ храна за луѓе. Има ли таква храна во Македонија?

-Досега во малопрoдажната мрежа кај нас не сум сретнал прехранбен производ на кој е истакната декларација дека е генетски модифициран. Согласно со актуелната регулатива во ЕУ и кај нас, ако производот содржи повеќе од 0,9 отсто ГМО, треба да е обележан како ГМ. Со оглед на строгиот надзор над ГМО во членките на ЕУ, не би очекувал дека храна увезена од тие земји би била несоодветно обележана. Но, имам резерви кон храната што се увезува од најголемите производители на ГМ храна во светот – САД, Канада, Австралија, Кина, Аргентина… Тие не се потписнички на Картагенскиот протокол, кој е клучен меѓународен документ во овој домен. Врз основа на тоа и на фактот дека немаме воспоставено ефикасен систем за контрола на ГМ храна, не можам со сигурност да одговорам дали во Македонија се консумира храна што е произведена со помош на генетска модификација. Оваа состојба би требало да ги загрижи одговорните во државата, кои, очигледно, имаат „поважни“ приоритети од здравјето на луѓето.

Зошто државата не ја остварува својата улога на контролор на храната преку тестирања во Вашата лабораторија?

-Проблемот за ова треба да се бара во инертниот однос на надлежните државни органи, како и во преклопувањето на ингеренциите помеѓу нив. Законот за ГМО е донесен во март 2008 година, а надлежно е Министерството за животна средина. Во Законот е предвидено да се формираат две надлежни национални тела – Комисија за управување со ГМО и Научен комитет за ГМО. Но, четири години по донесувањето на Законот, тие тела постојат само на хартија. Од друга страна, до неодамна, за здравствената исправност на храната надлежна беше Дирекцијата за храна, која беше во состав на Министерството за здравство, од каде што во 2006 год. добивме овластување за контрола на ГМ храна. Сега надлежен орган е Агенцијата за ветеринарство и храна, со која сè уште немаме остварено соработка. Со години наназад им нудевме на овие органи можност за обука на инспектори и на други категории службеници за тоа што е ГМ храна, како се создава, кои се можните ризици, како се контролира, каква е регулативата… За жал, другата страна никогаш не изрази интерес за ваков вид соработка. Изгледа чекаме нешто да ни се случи, па тогаш да реагираме. Поради сето ова, ретки клиенти на нашите услуги се само компаниите што увезуваат и извозуваат храна, но не и надлежните органи за контрола на храната.

Што е со храната за животни и со семенскиот материјал за земјоделски култури? Кој контролира дали тие се генетски модифицирани?

-Таму состојбата е уште полоша. Во Македонија нема овластена лабораторија за контрола на ГМ добиточна храна, а ни за контрола на ГМО во семе и семенски материјал. И покрај тоа што лабораторијата во 2007 година ја отвори тогашниот министер за земјоделство, тоа никогаш не стана партнер во воспоставувањето на ефикасен систем за контрола. Со оглед на распространетоста на ГМ пченка и соја, имам впечаток дека добиточната храна што се увезува содржи ГМ состојки. Храната што се произведува од животни кои се хранети со ГМ добиточна храна не треба да е обележана, но тоа не значи дека таа не треба да се контролира. Уште повеќе заради фактот што во 2008 година јапонски научници од Институтот во Тсукуба докажаа присуство на остатоци од ДНК од ГМ пченка во месо од риби хранети со ГМО. И покрај тоа што досега не е докажан штетен ефект на ГМ храна врз човекот, тоа не треба да нè прави комотни во поглед на користењето ваков тип храна.

Нашите надлежни се однесуваат како да е најважно да се донесе закон врз основа на соодветните директиви и регулативи на ЕУ и декa автоматски некој друг ќе ја врши контролата на производството, пуштањето во промет и употребата на ГМО. ЕУ си воспостави соодветна мрежа од над 120 овластени лаборатории (European Network of GMO Laboratories – ENGL) за контрола, а во Македонија не е ставена во функција и таа што има овластување. Ние не можеме да го запреме тркалото наречено ГМ храна, но најмалку што треба да направиме е да воспоставиме систем што ќе оневозможи неконтролиран увоз и употреба на храна добиена со генетска модификација.

Која е „Монсанто?

„Монсанто“ е најголема светска компанија во сферата на биотехнологијата, најголем призводител на генетски модифицирани пченка и соја, најголем производител на хербициди со широка примена. Нивни производи се хербицидот „раундап“, кој масовно се употребува и во Македонија, и популарниот инсектицид ДДТ, кој е исфрлен од употреба поради утврдена штетност. Откако во 2005 г., за 1,4 милијарди долари, ја купи холандската групација „Семинис“, „Монсанто“ стана и најголем светски производител на класичен семенски материјал за зеленчук, чии производи се застапени и во Македонија. Со приход од 12 милијарди долари за минатата година и со потрошени десетина милиони долари секоја година само за легално лобирање, компанијата е широко инволвирана и во американскиот политички живот. Главниот човек за контрола на храната во САД, Роџер Тејлор, е именуван на таа позиција во 2009 година, откако со децении беше дел од раководството на „Монсанто“, а нивен адвокат порано. Човек кој доаѓа од „Монсанто“ е и заменик на шефот на американската Агенција за заштита на човековата околина, Линда Фишер, а имаат и свој човек во Врховниот суд на Америка, кој е судија, а порано, како адвокат, ги бранел во судски спорови. Најпознат поранешен претставник во политиката, а кој е поврзан со „Монсанто“, е Доналд Рамсфелд, кој поседуваше компанија што беше купена од „Монсанто“ во 1985 година.

Помор на глувци хранети со ГМО

Она што го шокираше светот неодамна е научната студија спроведена од професори на Универзитетот во францускиот град Каен, која беше објавена на 19 септември во специјализираното американсмо списание „Храна и отрови“.

По двегодишни испитувања врз 200 глувци, студијата предводена од Жил Ерик Саралини покажала исклучително штетни резултати врз оние глувци кои се хранеле со генетски модифицираната пченка на „Монсанто“, и пиеле вода во која имало мали количини на познатиот хербицид „Раундап“ на истата компанија.

Во една група глувците биле хранети со ГМО, а во другата со конвенционална храна. Кај првата група, за 18 до 24 месеци се развиле огромни тумори, особено кај женките, умирале пребрзо, а храната предизвикала намален раст и други органски пореметувања. Туморите се јавиле кај 80 отсто од глувците хранети со ГМО, а само кај 30 отсто на оние хранети со конвенционална пченка. Дури 70 отсто од глувците хранети со ГМО умреле пред време, а во другата група тој процент бил само 20 отсто.

Ова е прва студија во светот која е правена подолго од 90 дена и покажала дека за утврдување на штетните последици се потребни долготрајни испитувања.

Tags: , , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1