Од 1 декември се укинува рецептот за инсулинска терапија


Од 1 декември дијабетичарите не треба да одат кај матичен лекар за да им се издаде рецепт за инсулинска терапија, туку ќе можат директно во инсулинска аптека да ја подигнат месечната терапија, јави Миа.

Единствено што треба е осигурениците кои подигнуваат редовно инсулин е еднаш во годината да одат кај матичен лекар, да добијат упат за специјалист/субспецијалист, кој во Центарот за дијабетес ќе им го издаде Барањето за издавање инсулинска терапија.

Ова денеска го изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова, која рече дека станува збор за уште нов проект на Фондот кој се однесува на олеснување на пристапот до лекови за различни групи осигуреници. Таа посочи дека проектот го најавува во пресрет на 14 ноември, Светскиот ден на дијабетесот.

– Оваа новина засега една голема група од 70.000 осигуреници во Македонија кои примаат инсулин како редовна дневна терапија, а од нив 300 до 400 се деца. По иницијатива на здруженијата на родители со деца кои имаат дијабетес и на дијабетичари, Фондот утврди дека апсолутно е непотребно издавање рецепт за подигнување инсулин. За таа цел имавме работилница и со сите инсулински аптеки и матичните лекари во Македонија и цело време имавме поддршка од здруженијата, истакна Парнарџиева Змејкова.

Ова, додаде таа, е и големо олеснување за инсулинските аптеки кои непотребно биле оптоварени со собирање рецепти, а потоа и со проблемот каде да ги носат и уништат.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1