Османи: Постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта


Во моментов постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот со Грција за името, изјави вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во интервју во Анализа 24.

Тој нагласи дека грчките власти прифаќаат име во кое би бил содржан терминот Македонија.

Османи не сакаше отворено да зборува за можните решенија во моментов, нагласувајќи дека во интерес на целиот процес за конечно решавање на спорот не треба да се лицитра со имиња.

– Потребна е одлучност кај двете влади да се најде решение, тоа сега го гледам во двете влади, има волја и одлучност да се најде решение, независно од дневно-политичките притисоци, кои ги имаме како влади и како политички партии. Сега не треба да лицитираме со предлози, кои не се созреани. И ние, и Грците, нудиме предлози, а Нимиц треба да даде заедничко прифатливо решение – истакна Османи.

Додаде дека двете држави се обидуваат да пронајдат прифатливо решение кое нема, како што рече, да удира врз најчувствителните вредности на двете општества.

Османи рече дека во разговорите не може да се преговара за идентитетот и оти и Грците така се поставуваат, дека идентитетот не може да биде предмет на преговори.

Тој додаде дека грчката страна сака да се направи разлика меѓу нивниот регион и нашата држава.

Османи додаде дека во моментов е битно да се задржи и зајакне динамиката на контактите со Грција.

– Прашањето е комплексно, се обидуваме да ги разгледаме сите аспекти. Станува збор за многу емоционални слоеви наталожени од политичарите, треба еден по еден да ги одлупиме тие слоеви на емоции, на предрасуди и да стигнеме до рационалното јадро, до излез и перспективи – рече вицепремиерот.

Тој напомена дека решавањето на спорот е важно, дека сега е моментот, бидејќи Македонија не смее да остане надвор од НАТО, особено, рече, во сегашните геополитички турбуленции, што ќе биде опасно за државата.

Во интервјуто Османи рече дека досега на ниво на влада не е разговарано за промена на името на аеродромот и на автопатот, но смета дека треба да има репипрочни чекори на градење доверба меѓу двете земји кои, рече, може значително да го подобрат процесот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1