Османи: Законот за јазици ќе биде донесен и покрај попречувањата


Законот за употреба на јазиците ќе биде донесен и покрај непотпишувањето од страна на претседателот Ѓорге Иванов и обидот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесените амандмани да го блокира. Нивното противење е потврда за немање чувство на одговорност и на сензитивност во однос на овие прашања, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи.

Тој на средба со новинарите одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Законот за јазици произлегува од амандманот 5 од Уставот на РМ и од Рамковниот договор, и оти со негово донесување ќе биде заокружена имплементацијата на политичкикиот договор кој е донесен пред 17 години.

– Законот е целосно во рамки на Уставот и го задоволува и духот на Рамковниот договор. Ги помина сите фази во Владата. Жалиме што претседателот на државата не го потпиша законот и не успеа да ја искористи последната година од својот мандат да биде кохезивен фактор во општеството. Меѓутоа, жално е и што опозиционата партија ВМРО-ДПМНЕ не го искористи овој моментум за да ги потврди своите тврдења по изборите дека е погрешно интерпретирана и оти се антиалбански настроени или дека згрешиле во односот кон Албанците, рече Османи.

Според него, тие имале можност да покажат сензитивност кон ова чувствително прашање бидејќи на ниту еден начин унапредувањето на можноста Албанците да го користат својот јазик во институциите не загрозува право на ниту една друга етничка заедница, ниту унитарноста на државата, ниту самата држава.

– Напротив ја зголемува кохезивноста во општеството, сплотеноста, лојалноста на етничките заедници во пресрет на предизвиците кои ни претстојат во наредниот период. Тоа е немање на чувство на одговорност и на сензитивност во однос на овие прашања. Законот ќе биде усвоен, но за жал во меморијата и чувствата на Албанците ќе остане противењето на една политичка партија кон прашање кое што е важно за втората по големина етничка заедница, рече вицепремиерот Бујар Османи.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1