Отруени две кучиња во Карпош 4, отров оставен во куќарка за куче во Аеродром


Два случаи на отруени кучиња и на оставен отров за куче се регистрирани во Скопје во изминатово деноноќие, извести МВР.

Вчера во 23.15 часот во полициската станица Карпош било пријавено дека на улицата Разловечко востание во Карпош 4, пред станбена зграда, биле пронајдени две отруени кучиња.

Денеска во 8.45 часот било пријавено дека на подрачјето на булеварот Јане Сандански во населбата Аеродром непознато лице оставило отров во куќарка за куче.

Повеќе активисти и општински служби бараат веднаш да запре труењето на животните, откако низ социјалните мрежи се шират фотографии со усмртени кучиња и мачиња. Предупредуваат дека низ главниот град се расфрлаат отрови, за кои велат се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за граѓаните, особено за најмладите генерации.

Од Карпош ваквиот чин го окарактеризираа како нечовечки. Тврдат дека се во постојана координација со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки.

„Веќе утрово стапивме во комуникација со Полициската станица Карпош со кои се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите“, велат од Карпош.

Исто така, службите за хигиена и комуналните редари на Капош добиле дополнителна обврска за засилена контрола и отстранување на отровите кои се расфрлани во парковите, зелените површини и околу зградите.

„Труењето на кучињата ќе биде строго санкционирано согласно важечката законска регулатива. Дополнително, бараме од Агенција за храна и ветерина обдукција за да се утврди за каков отров станува збор“, соопштуваат од Карпош.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ потенцираше дека расфрлањето отров не е решение за справување на проблемот со кучињата во Скопје. Најави засилени патроли и контроли, истовремено апелирајќи и сопствениците на миленици да ги шетаат врзани и со заштитна маска.

„Ќе иницирам средба со градоначалникот на Град Скопје и градоначалниците во општините во Скопје за да се преземат најитни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници, кои се реална опасност за граѓаните“, вели Богдановиќ.

Отвори можност ако граѓаните забележат расфрлан отров во централното подрачје, веднаш да се јават на телефонските броеви 070/424-685 или 075/437-068.

И градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин упати апел до граѓаните да не преземаат мерки против заскитани кучиња на своја рака. Според него, отровите на јавните површини се опасни за сите, а насилството има секогаш лоши последици.

„Екипите на Град Скопје, односно ЈП Комунална хигиена ја следат ситуацијата на терен и се секогаш подготвени за интервенција“, соопшти Марин.

Од здружението „Анима Мунди“ веќе потенцираа дека по инцидентот кога куче нападна граѓани во Ново Лисиче, во медиумите се пласирале непроверени информации за повторни напади на улица „Перо Наков“. Тоа, според активистите, придонесе во создавање паника, страв и дезинформирање на севкупната јавност.

„Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава, издвоените случки како овој не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде човеков најверен пријател. Животните не се криви што завршиле на улица и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот бр.1 за нивното постоење – неодговорното чување, неконтролираното размножување, фрлањето на милениците на улица“, рекоа од „Анима Мунди“.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1