Ова е последната фотографија што ја направила Калина – извештајот полн со дупки


Анализата и извештајот за зимското искачување на Кајмакчалан 2018-та на ФПСМ е полн со пропусти, недоречености и содржи низа контроверзии, кои сигурно треба да бидат расветлени докрај од страна на надлежните државни институции, објави весникот Нова Македонија.

-Извештајот како што е составен, вклучувајќи ги и дополнителните изјави и објаснувања на некои од луѓето што застанаа зад оваа анализа и извештај, не само што не одговорија на клучните прашања за она што навистина се случи на Кајмакчалан на 10 февруари, туку (не)вешто се обидоа да ја префрлат вината само на загинатите планинари, а индивидуалната одговорност на директно инволвираните лица, како и одговорноста на планинарското друштво и федерацијата – да ја затскријат, анализира весникот.

Кои се нелогичностите во извештајот?

Апсурд број 1
Во анализата и извештајот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) во точката 4 и во точката 5 се тврди дека постоеле двајца водачи, односно дека едната група била предводена од Калина Велевска.

Имено, Калина не можела да биде водач, бидејќи таа положила за водач пред само неколку недели претходно, а во групата имало дури 28 други поискусни планинари. Потоа, таа воопшто не ја предводела групата, туку, според изјавата на единствениот водач, таа „одела последна за да ги турка другите, да ги забрзува“, да ги мотивира. Ова многу добро го знае токму единствениот водач на групата, бидејќи тоа се негови зборови во неформален разговор поврзан со настанот, непосредно по инцидентот.
Според зборовите, пак, на друг директно инволвиран учесник, таа својот статус на само обичен учесник во акцијата го потврдила со уплаќањето 2.200 денари во автобусот на единствениот водач, а никако како помошник-водач или втор водач како што упорно се инсистира во извештајот. Статус на водач или на помошник никако не можела да има затоа што таа според своето искуство не можела да одговори на такви барања. Впрочем, факт што го потврди и претседателот на ФПСМ е дека ниту првиот и единствен водач немал зимска лиценца.

 

Последната фотографија што ја направила Калина Велевска на Кајмакчалан

Апсурд број 2

Во точката 6 се наведува дека дури 80 проценти од учесниците биле соодветно опремени за искачување во зимски услови, а само 20 проценти биле релативно добро опремени.

Имено и оваа констатација од извештајот е целосно проблематична, бидејќи и фотографии и видеозаписи, како и изјави на
учесници потврдуваат за целосната неподготвеност и неопременост на учесниците во оваа планинарска акција. Тие биле облечени во планинарска опрема, но за сосема поинакви временски услови, тенка, неводоотпорна, со никаква термална изолација. Постои и изјава на единствениот водач на групата кога ја опишувал подготвеноста на учесниците дека „некои од нив дојдоа во папучи“. Впрочем и Калина Велевска не била соодветно облечена и опремена за качување во екстремни услови, а тој сепак ѝ дозволил да се искачува, па дури и во извештајот ѝ ја префрла улогата на водач (без опрема?!).

Апсурд број 3

Овој апсурд е поврзан со точката 7 од извештајот, каде што е утврдено дека средствата за радиоврска (воки-токи) биле две, едното на чело на колоната, кај водичот и второ на крајот на колоната, според извештајот, токму кај Александар, кој и воспоставил „радиоконтакт помеѓу водачот Зоран и Александар“. Имено, на крајот на колоната се наоѓале Калина и Александар. Вака утврдениот факт го побива претходното тврдење дека таа ја предводела групата и сам по себе го прави извештајот противречен.

Апсурд број 4

Во хронологијата на случувањата, се наведува дека во 13 часот е алармирана спасувачката служба во центарот. Според сите сознанија, станува збор за служба за помош на скијачите во скијачкиот центар, а не за професионална служба за потрага и спасување. Впрочем, тие во акцијата за спасување вклучиле само ратраци, но не и професионалци за успешно решавање на предизвикот, ниту пак постоеле човечки и материјални ресурси за методолошки и систематски пристап за успешно да се пронајдат исчезнатите планинари.

Апсурд број 5

Апсурдот број 5 е крајот на извештајот. Тој завршува со реченицата дека телефонскиот контакт меѓу ратракот и Александар и Калина се одржува сѐ до 19 часот. И точка. Крај. Што потоа? Апсурдно е крајот на извештајот да биде ист како и бездната во која велат дека се загубиле планинарите. Или, пак, намерно се спушта маглата за да не можат да се најдат трагите на одговорните?

(Нова Македонија најавува дека во наредните денови специјализирана новинарска екипа професионално ќе го истражува случајот. Сите информации што ќе ги добие ќе ги стави на располагање на надлежните служби за целосно расветлување на случајот во интерес на вистината, но и во интерес на сите оние што ги сакаат планинарскиот спорт и планините.)

novamakedonija.com.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1