Почина Фидел Кастро – најдолговечниот револуционерен водач


Фидел Кастро, револуционерот и долгогодишен шеф на кубанската држава почина во 90. година од животот во Хавана. Зад себе остави спорно наследство.

Фидел Кастро почина на возраст од 90, соопшти кубанската телевизија, ставајќи ѝ крај на една ера за земјата и за Латинска Америка.20fidel kastro 444

Револуционерната икона, еден од најпознатите и најконтроверзни светски лидери, преживеа безброј атентати од САД и многу лажни прогласувања дека умрел, но на крајот се покажа како смртник и по долго боледување почина во петокот вечерта, вели Гардијан.

Помладиот брат Раул Кастро, кој во 2006 година го презеде претседателствувањето на Куба, откако Фидел претрпе речиси фатална болест на цревата, ја објави смртта на револуционерниот лидер на телевизија.

„Врховниот командант на кубанската револуција почина вечерва во 22:29.“

Од правник до бунтовнички лидер

Фидел Алехандро Кастро Руз е роден 1926. година во Биран, на истокот на островот. Некои историчари ја наведуваат 1927. како негова година на раѓање. Фидел и неговите 8 браќа и сестри растеле во благосостојба. По правните студии Кастро станал адвокат во Хавана. Неговите клиенти, како што се претспоставува, биле жители од сиромашните населби. Уште како студент Кастро бил политички активен и во 1952. година се кандидира на парламентарни избори. Но изборите не се одржаа, бидејќи Фулхенсио Батиста, кого некое време го поддржуваа и САД, изврши воен удар и ја презеде власта.

Кога тешко се разболе, во јуни 2006. година Кастро се повлече од чело на армијата, а во 2008. година водството на Куба и официјално му го предаде на својот помлад брат Раул. Фидел Кастро на власт беше 49 години, ниту еден монарх во 20. век не владеел толку долго како тој.

Раул Кастро, кого во 2008. година парламентот го избра за нов претседател на државата и Министерскиот совет, а подоцна и за главен секретар на Комунистичката партија на Куба,почна полека да ја „отвора“ Куба. Во декември 2014. година САД и Куба, по 50 години без дипломатски односи, започнаа процес на нормализирање на билатералните односи.

Тој живееше доволно долго за да види како Раул преговара за затоплување на односите со американскиот претседател во заминување, Барак Обама, во декември 2014 година, кога Вашингтон и Хавана најавија дека ќе се потрудат да ги вратат дипломатските односи, првпат откако беа прекинати во 1961 година.

Откако надживеа девет станари на Белата куќа, тој претпазливо му даде благослов на историскиот договор со неговиот долгогодишен непријател во писмо што беше објавено по едномесечниот молк.

Затоплувањето на односите беше крунисано кога Обама годинава го посети островот. Кастро не се сретна со Обама и неколку дена подоцна напиша остра колумна во која ги осуди „празните ласкави“ зборови на американскиот претседател и ги потсети Кубанците на многуте американски обиди за соборување и слабеење на комунистичката власт.

Исто како и неговиот живот, и смртта на Кастро остро го подели светот. Објавата дека умрел илјадници луѓе на интернет ја пречекаа со прослава и осуда на „суровиот диктатор“ и неговиот репресивен режим.

Други, пак, жалат за смртта на „борецот против американскиот империјализам“ и „харизматичната легенда“.

Во Мајами, кое е дом на најголем број иселеници Кубанци, луѓето што излегоа на улиците ја слават неговата смрт, пеат, танцуваат и веат кубански знамиња.

Неговата најголема оставнина се бесплатното здравство и образование, кои на Куба ѝ донесоа една од најдобрите статистики за човековиот развој во регионот. Но тој е одговорен и за грешките во централното планирање и за строгата владина контрола, кои – заедно со американското ембарго – ја задушија економијата, а повеќето Кубанци ги оставија во очај по пристојна храна и подобар животен стандард.

Човекот познат по прочуената реченица „историјата ќе ме ослободи од обвиненијата“ остава поделена оставнина.

Деталите за погребот и кремирањето на Фидел Кастро ќе бидат објавени денеска. Се очекува неговиот погреб да привлече голем број странски шефови на држави, интелектуалци и уметници.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1