Почнаа труењата – избегнувајте сендвичи и никако јајца и месо од пазар


 

Во Штип минатата недела околу десетина лица се пожалиле на симптоми на труење со храна, со болки во стомакот и дијареа.

Државниот здравствено-санитарен инспекторат, според направените испитувањата, како можен извор на труењето го посочува ресторанот „Нечос 2“ во Штип, каде што затруените лица консумирале храна, наведува утрински весник.

Во пораст се и стомачните инфекции. За само една недела се пријавени нови 130 случаи на заболени од стомачни инфекции. Така, ако последната недела од јуни имало 761 случаи на стомачни инфекции, во првата недела од јули се регистрирани 893 случаи. Најмногу страдаат деца до шест години и лица на возраст од 20 до 59 години.

Агенцијата за храна и ветерина деновиве спроведува засилени инспекциски контроли во угостителските објекти каде што се служи храна. Се контролираат пазарите, сендвичарниците, слаткарниците, но и маркетите, рестораните и хотелите. Од таму информираат дека во текот на летото ќе се прават и зачестени микробиолошки испитувања на ризичната храна.

 

Заменик директорот на Агенцијата за храна, Абдулезел Догани, за утриснки весник вели дека зачестено се испраќаат на микробиолошко испитување примероци од лесно расиплива храна, најчесто сладоледи. Од таму апелираат ако храната им изгледа сомнително, да не ја купуваат, и да пријават во подрачните единици на инспекцијата за храна.

Лекарите советуваат, за да не дојде до цревни инфекции, храната да се купува исклучиво на проверени места каде што производите се чуваат во фрижидери на соодветна температура.

Јајца, риби, месо, млеко и млечни производи од тезга на пазар, слатки и сладоледи или, пак, сендвичи со сувомесни производи и со мајонез не смее да биде дел од вашето мени доколку сакате да ги избегнете несаканите последици.

Свежото овошје и зеленчук темелно да се мијат, а кај млечните и сувомесните производи задолжително да се внимава на рокот на употреба и да се чита декларацијата за продуктот.

Извор – Утрински весник

Tags: , , , , ,

Александар Петрески

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1