Рочиштето за Грујевски и Бошковски во Атина одложено поради болест на адвокатот


За следниот петок, 9 март, одложено е рочиштето во Врховниот суд по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски. Еден од двајцата адвокати од грчкиот тим што ги брани двајцата поранешни разузнавачи, беше отсутен поради болест, па затоа неговиот колега побара одложување.

За разлика од минатиот пат, на првото рочиште во Врховниот суд пред две седмици, сега имаше преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.

Во судницата во Врховниот суд, како што јави дописникот на МИА од Атина, и овој пат присутни беа Никола Бошковски и Горан Грујевски кои со полициска придружба беа донесени од атинскиот затвор „Коридалос“.

Претседателката на Советот на судии, ги повика двајцата поранешни разузнавачи за кои се бара екстрадиција во Македонија, им објасни дека еден од адвокатите е болен и побара став и од нив, дали се согласуваат рочиштето да биде одложено, за да може и тој да биде присутен.

– Многу е важен за нас и за случајот бидејќи е со нас уште од почеток и го знае прашањето, рече Грујоски.

А на прашањето дали се согласуваат рочиштето да се одложи, и двајцата одговорија потврдно.

Откако шесточлениот Совет на судии и обвинителот, надлежни за разгледување на жалбата во грчкиот Врховен суд, го слушнаа образложението на адвокатот и ставот на Грујевски и Бошковски, одлучија рочиштето да се одложи за следниот петок. Меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Атина, судијката претседавач, потенцираше дека ова ќе биде последно одложување.

Жалбата во Врховниот суд во Атина за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, се разгледуваше со уште 20 други случаи.

Од Врховниот суд во центарот на Атина, поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, повторно беа вратени во атинскиот затвор „Коридалос“, каде што се сместени од 13 февруари по нивното пренесување од Солун во Атина.

За Грујевски и Бошковски во Грција, како што веќе објави МИА, се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември. Сослушувањето пред комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но одложено, поради тоа што тие се наоѓаа веќе во Атина.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалба против одлуката на судот, за случајот да го разглед Врховниот суд во Атина.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1