Руската црква бара докази дека најдените останки кај Екатеринбург се на царското семејство Романов


Руската православна црква (РПЦ) е подготвена да признае дека посмртните останки пронајдени кај градот Екатеринбург им припаѓаат на членовите на руското царско семејство Романов, доколку тоа биде потврдено со недвосмилени докази, изјави вечерва митрополитот Иларион, по завршувањето на тридневниот Епископски совет во Москва.

Тој нагласи дека Советот решил да не донесе никаква одлука за идентификацијата на посмртните останки од Екатеринбург, се додека не заврши тековната истрага за овој случај.

– Заклучоците од истрагата ќе имаат сосема друг квалитет и влијание врз Црквата. Ако се докаже дека останките им припаѓаат на членовите на царското семејство, Црквата ќе го прифати тој факт, изјави Иларион.

РПЦ досега ниту ги прифаќаше, ниту ги отфрлаше резултатите од претходните истраги, затоа што во нив не беше вклучен нејзин претставник.

– Ситуацијата сега е сосема поинаква, бидејќи претставници на Црквата учествуваат во лабораториските анализи, нагласи митрополитот.

Постојат неколку верзии за местото на кои се погребани телата на убиените членови на руското царско семејство. Како можни места се посочуваат неколку локации во Екатеринбург и неговата околина, вклучително и поранешниот рудник Ганина Јама во близина на градот.

Рускиот цар Николај Втори, царицата Александра и нивните деца, престолонаследникот Алексеј и големите војводки Олга, Татјана, Марија и Анастасија се убиени од страна на припадници на Црвената армија во ноќта меѓу 16 и 17 јули 1918 година во Екатеринбург.

Руската православна црква ги канонизираше убиените членови на семејството Романови во 2000 година.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1