Синодот на ГПЦ свика вонреден состанок за „Македонија“


Синодот на Грчката православна црква во петок ќе одржи вонреден состанок, на кој според грчките медиуми ќе стане збор за спорот со името и демонстрациите, а според официјалното соопштение од грчката православна црква, ќе се разгледаат тековни службени прашања.

Извори од Архиепископијата за грчкиот информативен портал in.gr, јавува дописникот на МИА од Атина, рекле дека разговорите на состанокот ќе се имаат три дела.

„Одново ќе се потврди позицијата од претходниот архиерејски синод, терминот Македонија да не биде содржан во името на ПЈРМ, одредени архиереи ќе го покренат прашањето со демонстрациите и ќе се побара, од сега па натаму, црквата да има заедничка линија за конкретното прашање“, пишува грчкиот портал.

Од ГПЦ, пак, во кусото соопштение-најава за состанокот не го споменуваат прашањето за името. Најавуваат дека новата средба ќе се одржи во петок на 26 јануари, за да се разгледаат тековни службени прашања.

Вонредниот состанок на Светиот синод на ГПЦ, во кој учествуваат тројца митрополити од северна Грција, е на само пет дена по протестот во Солун, а во пресрет на новиот собир во Атина, закажан за 4 февруари, но и по изјавите на митрополитот Антимос кој, им се придружи на демонстрантите во неделата и рече дека црквата треба одново да ја разгледа нејзината позиција во однос на демонстрациите.

Како што објави МИА, поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, рече дека само девет од 82 митрополити учествуваа на протестот во Солун и уште еднаш го повтори ставот на ГПЦ дека не прифаќа терминот Македонија да биде вклучен во името на нашата земја.

Во однос на прашањето за името смета дека не се потребни протестни собири, туку внимателност, единство и консензус.

– Светиот синод објави едно многу успешно соопштение и ја разјасни позицијата, во кое кажа дека синодот, црквата, не го прифаќа ниту името, нити изведените зборови. Но, треба со мудрост, трезвеност и единство да размислиме што ќе правиме понатаму. Ова е она што го изразува мојот став – изјави поглаварот на ГПЦ, архиепископот Јеронимос.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1