Со оставката на Груевски почнува „трката за тронот“ во ВМРО-ДПМНЕ


Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ е веќе закажан за 23 декември. До тогаш, според најавата, Никола Груевски ќе поднесе оставка, па на конгресот би требало да се избере нов претседател на партијата.

Веднаш по завршување на маршот пред зградата на Владата синоќа, ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на Извршниот комитет

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница најостро ги осуди политички монтираните обвиненија за тероризам и неоснованите притвори кои им беа изречени на партиски членови, уметници, актери и лица поврзани со настаните од 27-ти април. Злоупотребата на државните институции кои под политички притисок на власта упаѓаа во домови и ставаа лисици на пратеници е акт на терор и газење на демократијата. Согласно статутот на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да му предложи на Централниот комитет на следната седница да отпочне процедура за организирање на вонреден Конгрес на партијата на 23 декември 2017 година“, пишува во соопштението на партијата.

По најавената оставка на Груевски, веќе почнаа и шпекулациите за тоа кој би можел да биде наследникот. Веќе се вртат имињата на Никола Попоски, Христијан Мицкоски, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Никола Тодоров… Сите се членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Како најсериозен кандидат се посочува актуелниот генерален секретар на партијата, Христијан Мицкоски. Мицкоски е професор на Машинскиот факултет во Скопје и важи за технократ. Беше генерален директор на државната компанија ЕЛЕМ и советник за енергетика во кабинетот на Груевски додека беше премиер.

Никола Тодоров – на крајот на мај поднесе оставка од функцијата пратеник и најави дека целосно се повлекува од политиката. Пред извесно време отвори и адвокатска канцеларија.

Иницијаторите за реформи во ВМРО ДПМНЕ засега не сакат да ги коментираат можните наследници на Груевски. Нашата примарна цел е да се реформира партијата на внатрешен план и да се донесе нов Статут кој ќе овозможи демократизација на партијата, вели Илија Илиоски од Републичкиот штаб за реформи во ВМРО ДПМНЕ.

 

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1