Суд им нареди на Бред и на Анџелина да ѝ платат 565.000 евра на дизајнерка


Францускиот суд им нареди на Бред Пит и на Анџелина Џоли да ѝ платат 565.000 евра на француската дизајнерка за осветлување на замокот во Прованса. Дизајнерката за ентериери Одил Судан ги тужела Бред и Анџелина, бидејќи не ѝ платиле за работата што ја извршила во нивниот замок во Прованса.

Таа тврди дека поранешните сопружници ја осудиле нејзината компанија на пропаст откако не ги платиле сметките за мултимилионскиот проект за осветлување на замокот од 17 век. Првостепениот суд во Париз ѝ наложил на актерската двојка да ѝ исплатат на дизајнерката 565.000 евра и 60.000 евра поради штетата што ја нанеле на нејзиниот углед. Одил рекла за „Гардијан“ дека молчела за целата ситуација, бидејќи верувала дека проблемите ќе ги реши по мирен пат со Бред Пит.

Бред и Анџелина се вљубиле во замокот „Миравал“ откако го виделе од хеликоптер. Зградата е опкружена со лозови насади и околу неа има неколку стотици хектари земјиште. Поранешните сопружници прво го изнајмиле замокот, а потоа ги убедиле тогашните сопственици да им го продадат за 45 милиони евра. Откако се вселиле во дворецот, почнале да го преуредуваат по свој вкус. Бред во 2010 година ја замолил Одил да најде начин да се искористи природната светлина во замокот и соседните објекти.
Одил тврдела дека добила „зелено светло“ за осветлување на четири згради на имотот, вклучувајќи го и замокот со 40 соби.
Никаков договор не бил потпишан, а Одил тврдела дека од компанијата што е во сопственост на Анџелина и Бред, секој месец наплатува надомест за своето работење. Вработила 17 лица, меѓу кои биле архитекти, дизајнери, стручњаци за осветлување и акустика, дури и оптички инженер за пресметување на аглите на сончевите зраци во замокот.

Две години подоцна и со потрошени 25 милиони евра, проектот сè уште не бил довршен, а вината паднала врз изведувачите и производителите. Кога не добила пари да ги плати работниците, Одил била принудена да ја стопира работата.

Десет дена подоцна добила имејл од Бред, во кој пишувало да продолжи со своето „уметничкото патување“.

„Не знам каква е практиката во Франција, но во САД пријателите не ги напаѓаат пријателите. Мене ми се допаѓа она што го работите. Немојте да напаѓате. Да го завршиме проектот и да се гордееме со него. Проектот е премногу добар за да заврши со лоша белешка. Животот е прекраток, пријателке. Не губете време со правни работи. Следете го своето уметничко патување и не грижете се за другото“, напишал Бред.

Исплатата ја добила во април, но вели дека сè уште се бори да го добие правното признание дека е автор на осветлувањето во дворецот. Вели дека паричниот износ што ѝ го одредил судот поради штетата што е нанесена на нејзиниот углед е ништо во однос на она што го претрпела.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1