Тајните служби ја предупредија Иванка Трамп дека нејзината другарка е кинеска шпионка


„Џаванка“, како што американските медиуми ја нарекуваат една од најмоќните двојки во светот, ќерката и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер и Иванка Трамп, одамна е предупредена за опасноста која го крие нивното пријателство со Венди Денг Мердок (49), со која долги години се пријатели.

Венди е поранешна сопруга на Руперт Мердок, сопственикот на „Њуз корп“, а со Иванка се спријателила пред повеќе од 12 години, кога станале сосетки во кулата на Трамп.

Според „Волстрит журнал“, чијшто сопственик е токму „Њуз корп“, американските разузнавачки служби минатата година ги предупредиле ќерката и зетот на Трамп дека Венди Денг Мердок можеби го користи пријателството со нив за интересите на кинеската влада. Таа, имено, е родена во Кина, иако денес е американска државјанка.

Американските тајни служби биле загрижени дека Венди лобира за изградба на 100 милиони долари вредни Кинески градини во Националниот арборетум. Проектот, кој би требало да биде подарок на американската влада, најпрво го прифатила администрацијата на Барак Обама како симбол на добрите односи на двете земји. Меѓутoа, „Волстрит журнал“ пишува дека на крајот е означен како закана за националната безбедност, бидејќи вклучувал огромна бела кула која би можела да се користи за шпионажа.

Портпаролот на Џаред и Ивана им рекол на новинарите дека состанокот на кој биле предупредени за Венди Денг Мердок бил „рутински состанок за безбедноста“, а извори тврдат дека тоа бил само еден во низата состаноци на кои Кушнер сакале да го предупредат дека меѓу неговите пријатели ги има оние кои ги буткаат интересите на странските земји.

Портпаролот додал дека Џаред и Иванка со Венди и нејзиниот поранешен сопруг се пријатели повеќе од деценија како и дека нивниот однос не се темели на политиката ниту на односите со Кина.

Шпионка

Портпаролот на Венди Денг Мердок рекол пак, дека таа нема поим дека се нашла на мета на ФБИ и на тајните служби како и дека не знае ништо за никакви градини.

Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон пишувањето на „Волстрит журнал“, го нарекол „неосновани шпекулации“.
Кога станува збор за шпекулациите, во извештајот се спомнува и наводната врска на Венди со поранешниот британски премиер Тони Блер, додека таа се уште била во брак со Мердок. Иако двете страни ја демантирале аферата, „Волстрит журнал“ пишува дека таа ги заинтересирала тајните служби.

„Од нивниот развод, Мердок на сите им зборува дека Венди е кинеска шпионка како и дека тоа била во текот на целиот нивен брак“, напишал на Твитер Мајкл Волф, кој неодамна ја објави книгата за Доналд Трамп и неговото семејство.

Од бракот со Мердок добила и многу добри бизнис врски. Користејќи ги своите врски, напредувала во кариерата и станала филмски продуцент и еден од големите инвеститори во социјалните мрежи како што се Мајспејс па Снепчет и компаниите меѓу кои е и „Убер“.

Владимир Путин, Тони Блер

Љубовниот живот на Венди Денг Мердок по разводот од медиумскиот тајкун ги интригира светските американските и британските медиуми. Наводно нејзиниот брак пукнал поради аферата со Тони Блер, а потоа наводно се родила љубов помеѓу неа и рускиот претседател Владимир Путин. Иако таа ја негирала врската со рускиот претседател, се погласно се шушкаше дека приказната за нив е, сепак, вистинита.

По браковите со 30 години постариот Џејк Чери и со Руперт Мердок (86) и врските со многу постари мажи, Венди преминала на помлади мажи. Од минатата година е во врска со манекенот Бертолд Захоран (23). Од бракот со Мердок има две ќерки.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1