Трамп денеска ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел


Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе објави дека го признава Ерусалим за главен град на Израел, информираат високи претставници на американската Администрација, кои побарале да останат анонимни.

Трамп, исто така, ќе му нареди на Стејт департментот да подготви преместување на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим.

Тој нема да одреди распоред за преместувањето, кое најверојатно ќе одземе „неколку години“, тврдат анонимните извори од Администрацијата на САД.

Признавањето на Ерусалим за главен град на Израел ќе биде признавање на „историската и современа реалност“, а не политичка изјава, оцениле изворите. Тие додале дека речиси сите израелски владини институции и Кнесетот се во Ерусалим, а не во Тел Авив, каде државите кои имаат дипломатски односи со Израел имаат свои амбасади и дипломатски претставништва.

Како што јави претходно МИА, генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит во понеделникот предупреди дека признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на Администрацијата на Трамп ќе го поттикне фанатизмот и насилството и нема да биде во интерес на мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците.

– Очајно е што некои настојуваат на реализирањето на тој чекор, без да се земат предвид опасностите кои тој ги претставува за стабилноста на Блискиот Исток и целиот свет, изјави во Каиро Ахмед Абул Геит.

И Јордан го предупреди Трамп какви опасни последици може да предизвика таков чекор од негова страна.

– Таквата одлука ќе предизвика гнев меѓу Арапите и муслиманите, ќе ја зголеми затегнатоста и ќе ги упропасти напорите за постигнување мир, напиша на Твитер јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади.

Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат исто така предупреди дека американското признавање на Ерусалим како главен град на Израел, би претставувало промовирање на меѓународната анархија.

Тој нагласи дека „доколку американската Администрација одлучи да се спротивстави на своите меѓународни обврски и историската надворешна политика, така што ќе го признае Ерусалим како главен град на Израел, таа не само што ќе ја промовира меѓународната анархија и непочитувањето на светските институции и закони, туку и ќе се дисквалификува од секаква улога во која било иницијатива за постигнување на праведен и траен мир“.

– Таквата одлука ќе придонесе за дополнително дестабилизирање на регионот и ќе обесхрабри многумина од оние кои се уште веруваат дека мирното решение е можно со цел да се стави крај на повеќе од 50-годишната окупација, 70-годишното прогонство и децениското систематско кршење на палестинските национални и човекови права, констатираше Ерекат.

Генералниот секретар на ПЛО истакна дека Ерусалим е „општествено, политичко, културно и економско срце на Палестина“.

– Ерусалим, исто така е и срце на милијарди верници од три монотеистички религии, вклучително и стотици милиони арапски христијани и муслимани. Тој е срце на арапскиот свет. Тој е важен симбол на нашата религија и неговата судбина е клучна за сите напори кои водат кон мирен и стабилен регион, потенцираше Ерекат.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1