Управен суд прифати по една тужба од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, останатите ги одби


Управниот суд на Република Македонија ги уважи тужбите на ВМРО-ДПМНЕ за Решението на ДИК УП 1 10-487 од 16.12.2016 за прегласување на гласачкото место 0396/1, општина Гостивар, како и тужбата на СДСМ против решението на ДИК УП 1 бр.10-488 од 18.12.2016 со што е поништено гласањето на гласачкото место број 2011 во општина Теарце.upraven sud

Како неосновани Управниот суд одби три тужби на СДСМ против решенијата на ДИК, а кои се однесуваат за избирачките место 2010 и 2025 во општина Теарце, и за избирачко место 1978 во општина Тетово, сите во Шестата изборна едница. Со тие одлуки на Управниот суд се потврдија решенијата на Државната изборна комисија.

Како што објави на својата веб страница Управниот суд, тужбата на тужителот Коалиција за предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ 2016 година, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, се уважува. – Решението на Државната Изборна Комисија УП 1 10-487 од 16.12.2016 година се преиначува и се одлучува: Приговорот УП 1 10-487 од 13.12.2016 година, поднесен од подносителот на листа на кандидати – политичка партија Движење Беса, за постапката на гласање во гласачкото место број 0396/1, општина Гостивар, Изборна единица број 6, согласно чл.147 став 3 алинеа 2 од Изборниот законик, се отфрла како неуреден, стои во пресудата.

Одлуката ја донел едногласно советот составен од судиите М-р Есма Алибашиќ Јонуз како претседател на советот, Розалиа Кочковска, Ана Герасимовска, м-р Тања Терзиева и Ељмедине Асани – членови на советот.

Со одлуката на Управниот суд со која беше уважена тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ против решението на Државната изборна комисија УП 1 бр.10-488 од 18-ти месецов е поништено гласањето на гласачкото место број 2011 во општина Теарце во Изборната единица 6.

Како што се наведува во образложението на пресудата, основани се тужбените наводи за направени неправилности во постапката при донесување на оспореното решение.

Таа одлука е донесена со мнозинство гласови од советот составен од судиите: Лулзим Салиу – претседател на советот, Нада Иванова, Едита Насковска, Снежана Трповска и Исмета Амет – членови на советот.

Одлуката на Управниот суд за тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ против решението на ДИК УП1 10-489 од 17.12.2016 година, за избирачко место 2010 во општина Теарце, е донесена со мнозинство гласови, четири „за“ и еден „против“ од страна на советот на судии Мустафа Шахини – претседател на советот, Даниела Антовска, Димитрула Апостоловска, Габријела Михајловска и Билјана Никодиновска Петровска – членови на советот.

Тужбата на СДСМ за ИМ 1978 во Тетово е отфрлена едногласно со пет гласа „за“ од советот составен од судиите: Весна Јовановска – претседател на советот, Бурим Сејдини, Анета Џигерова, м-р Ѓоко Живковски и Драгослав Радичевски – членови на советот.

Со пет гласа „за“ е отфрлена и тужбата на СДСМ за гласачкото место 2025 во Теарце, а ја донеле судиите Весна Јовановска – претседател на советот, Бурим Сејдини, Анета Џигерова, Газменд Фејзули и Драгослав Радичевски, како членови на советот.

Одлуките на Управниот суд се конечни.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1