ВМРО-ДПМНЕ: Аудиоснимката е монтажа, се работи за класична лага


Ги демантираме сите наводи од денешната конференција за печатот. Наводите искажани од господинот Зоран Заев се целосно неточни и целосно измислени. Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски, реагира ВМРО-ДПМНЕ на денешната конференција за печатот на лидерот на СДСМ на која беше објавена аудиоснимка на која наводно Груевски, Јовица Стефановиќ – Нини и еден посредник се договараат за продавање на Македонска банка.

VMRO„Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали што се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно колегите добро се потрудиле и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи. На нивна жал, ќе се уверат дека и ова нема да им пројде. Се работи за класична лага. Станува збор за период кога ВМРО-ДПМНЕ е длабоко во опозиција, а премиер е Црвенковски и министер за внатрешни работи е Хари Костов, а потоа премиер станува Костов, па после него Бучковски… Ова е период кога се водеа хајки против членови на ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата во тоа време. Тогаш власта правеше сè за да најде и влакно во јајцето, за да може да го дискредитираат Груевски на политичката сцена. Периодот потоа, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт од 2006 година, СДСМ досега најмалку стотина пати оваа снимка ќе ја објавеше и ќе поднесеше пријави и ќе постапеше според законот. А не вака, на 5 дена пред избори да се обидуваат да дискредитираат, мислејќи дека ќе им успее оваа манипулација и ќе се одрази на изборниот резултат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата вели дека периодот за кога велат дека се случил овој наводен разговор е пред 10 години, период на жестоки политички битки, кога „на позиции беа менторите на Зоран Заев, а во тоа време и Груевски беше во длабока конфронтација и со Љубчо Георгиевски, и ако што било имало незаконско, тие сигурно ќе постапеа против Груевски“.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повторува дека против господинот Зоран Заев ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда и дека тужбата ќе биде сеопфатна и по сите основи.
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1