Во Гази Баба ќе се гради најголемиот трговски центар во Македонија


Во Скопје ќе се гради првиот повеќенаменски комплекс со најголемиот трговски центар, станбен комплекс и канцелариски парк

Balfin Group ќе донесе инвестиција од 300 милиони евра.

Компанијата ‘’Скопје Ист Гејт” ќе го гради првиот модерен повеќенаменски комплекс составен од трговски центар, станбен комплекс и канцелариски парк на земјиште со површина од 155.000 м2.

Атрактивниот комплекс ќе биде лоциран на само 1,5 км од центарот на Скопје, во општина Гази баба, на раскрсница на две главни сообраќајници, долж просторот помеѓу булеварот Александар Велики и улица Беласица.

Вкупната инвестиција во период од 5-7 години се планира да изнесува повеќе од 300 милиони евра, создавајќи илјадници нови работни места и можности.

Прво ќе се изгради трговскиот центар, а станбениот комплекс и канцеларискиот парк ќе бидат изградени во текот на следните 5-7 години. Со ‘’Скопје Ист Гејт” Скопје добива нов лик, а граѓаните од источниот дел од градот добиваат услови за многу поквалитетен живот, по терк на развиените европски градови.

Овој комплекс на пазарот на недвижности ќе донесе повеќе од 250.000 м2 нова бруто изградена површина, која се проценува како најголема приватна инвестиција од овој тип во Македонија. Плановите за развој вклучуваат изградба на најголемиот трговски центар во Македонија, на бруто површина за издавање од 45.000 м2, станбен комплекс и канцелариски парк. Трговскиот центар ќе има 2 нивоа, со околу 2500 подземни паркинг места. Особено внимание ќе се посвети на унапредувањето на урбаното еко- живеење. Планот на комплексот предвидува градини и зелени површини по пример на модерните архитектонски тенденции.

Со оглед на успехот на Скопје Сити Мол и идентификуваната потреба малопродажните брендови да ја продолжат својата експанзија во Македонија, беше одлучено дека е одлична инвестициска можност да се изгради нов поголем трговски центар во Македонија. “Скопје Ист Гејт” планира да го развие новиот трговски центар во соработка со уште еден инвеститор. Со изградба ќе се започне есента 2018 година, а трговскиот центар се очекува да се отвори кон крајот на 2020 година. Локацијата и големината на новиот трговски центар се одлична можност за привлекување на нови малопродажни брендови во Македонија, покрај веќе присутните на пазарот. Заедно со трговскиот центар се планира да се изгради и станбен простор со повеќе од 100.000 м2 бруто површина за домување, кој ќе биде завршен во текот на следните 5 години.

Мнозински акционер во Скопје Ист Гејт е Balfin Group, групацијата која го изгради трговскиот центар Скопје Сити Мол (37.000 м2) историски најголемата капитална трансакција на пазарот на недвижности во Македонија, кој беше продаден на странски инвеститор минатата година.

Balfin Group е една од најголемите регионални компании, присутна во 9 земји во светот со инвестиции во трговски центри, комерцијални и станбени недвижности и бројни малопродажни ланци на продавници.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1