Заев: Ќе се обидеме брзо да составиме влада – Да ги оставиме разликите, ова е нов почеток за Македонија


Мандатарот за составување на новата влада Зоран Заев денеска по добивањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов изјави дека во најкраток можен рок ќе се обиде да го состави владиниот кабинет.

Тој во изјава за медиумите се обврза дека новата влада ќе биде проевропска и ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани со почитување на мултиетничноста и Охридскиот договор.

– Ќе работам, како и досега, со целото срце и да ги оставиме разликите, омразата и деструктивните политики. Се обврзувам дека ќе работам со сите и новата влада ќе биде влада на сите граѓани, рече Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека ќе преговара со ДУИ, Алијансата на Албанците и БЕСА и оти посакува сите тие да бидат учесници во новата влада.

Во однос на укинувањето на екстерното тестирање со кое се опфатени учениците од основното и средното образование, Заев рече дека тоа е дадено ветување пред граѓаните и оти се надева дека пред првиот екстерен испит со одлука или со закон ова тестирање да биде отстрането.

По добивањето на мандатот Заев даде изјава за јавноста.

„Го добив мандатот и во брзо време ќе биде формирана новата влада. Гаранциите ги дадов пред целата јавност. Се обврзав на изградба на граѓанска, унитарна и европска Македонија, за правда и правна држава, со почитување на мултиетничноста и Охридскиот договор. На 17 мај пред две години граѓанска Македонија испрати порака дека граѓаните се подготвени заедно да работат на работите што ги спојуваат, а не што ги делат. И денеска ја имаме таа потреба – да изградиме едно општество за сите. Демократијата не се гради преку ноќ. Ве повикувам сите, бидејќи сите сте потребни во овој процес. Да ги оставиме разликите, омразата, деструктивните политики. Новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Овој ден е нов почеток за Македонија“, порача Заев.

Новиот мандатар, според Уставот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. На предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Актуелното парламентарно мнозинство во 120-членото Собрание има поддршка од 67 пратеници на коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1