ЗАФИР ХАЏИМАНОВ – Благодарам, моја мила Македонијо!


,,Да бидеш едно зрнце од охридски бисер во тој прекрасен распеан мозаик е од БОГА дарба! Благодарам „Охрид фест“. Благодарам моја мила Македонијо,,

На претстојниот Интернационален музички фестивал Охрид фест 2012“, кој почнува викендов во Охрид, на големиот македонски уметник, автор, актер, интерпретатор, музичар и патриот Зафир Хаџиманов ќе  му биде доделена Балканска награда за афирмација на македонската музика, која е еден вид награда за животно дело. Живата легенда, Хаџиманов, за оваа одлука на фестивалот и неговиот директор Григор Копров, (со кого имаат тандемски направено незаборавни евергрини „Љуби ме и главата горе“, „Лиду лидуду“…) преку мкд њуз се заблагодарува.

– За жал се помалку имам творечки и уметнички контакти со Македонија, и затоа веста, која ми ја соопшти мојот драг колега Григор Копров, дека „Охрид фест“ ми доделува награда за животно дело, односно златен печат за мојот досегашен придонес за македонската музика и песна, многу ме израдува. Да бидеш меѓу најдобрите автори и пеачи во Македонија е посебна чест, затоа што во тој домен нашата земја е меѓу најбогатите и најценетите во светот. Од вековните народни песни, до Струшките вечери и Охридските лета, поетиката, мелодиите и
ритамот македонски е недостижен во својата убавина. Да бидеш едно зрнце од охридски бисер во тој прекрасен распеан мозаик е од БОГА дарба!Благодарам „Охрид фест“. Благодарам моја мила Македонијо- вели Зафир.

Тој е еден од ретките македонски уметници кој континуирано, веќе четири децении ужива голем респект и балканска популарност. Има објавено албуми со староградски песни (најпознати песни се „Од љубов не се бега“, „Са ноќ седам Трено“…), со забавни песни („Земи момче македонче„, “Како Вардар ќе дотечам“, дуетската „Љуби ме и главата горе“ со сопругата Сенка…), потоа автор е и на детски песни, автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пеач“, „Пес-Пеачка“ и „Брат“, објавени на македонски и српски јазик.
Играл главни улоги во неколку филмови и е носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 година.
Во 2007 година е промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Зафир Хаџиманов е роден (Кавадарци, 25 декември 1943) во музичко семејство. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1967 година. По таткова линија, потекнува од Кавадарци, додека по мајка е скопјанец. Неговиот татко, Васил Хаџиманов, својот животен век го посветил на фолклористиката и зад себе оставил над 5000 записи од македонски изворни песни.
Зафир Хаџиманов повеќе од 40 години живее во Белград и е во брак со една од најпознатите југословенски пеачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, а неговиот син е џез музичарот Васил Хаџиманов,  респектиран и популарен низ целиот Балкан.

Tags: , , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1