Ангеловска прогресивно ќе ги оданочува домаќинствата, не индивидуите


Прогресивниот данок не се укинува туку го ставаме во мирување. Во следниот период ќе се работи дизајн на оптимално решение што ќе биде фер, ефикасно и сеопфатно.

Ова го истакнува министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Македонската телевизија во кое додава дека одлуката на Владата покажува трезвеност и носење одлука врз основа на анализи, сознанија и оценети ефекти. Таа посочува дека за даночниот систем да биде праведен, треба интензивно да се работи на намалување на сивата економија, како и граѓаните да ја зајакнат довербата во институциите.

– Основната цел на прогресивното оданочување беше да се намали нееднаквоста, односно да се изврши редистрибуција на доходот. Податоците и анализата се шестмесечни, но за волја на вистината новите технологии – новиот систем за наплата на даноците на Управата за јавни приходи со кои се собираат детално податоците ни овозможуваат брзо да ги согледаме ефектите, да можеме да донесеме одлуки и да преземеме корективни акции, пред да биде премногу доцна. Анализата покажа дека е направена незначителна редистрибуција, но уште поважно фиктивна. На пример, ако некои лица примале 150.000 денари бруто доход, и по воведувањето на прогресивното оданочување решиле сумата што го надминува прагот од 90.000 денари, односно 60.000 денари да ги распределат на други лица, другите стануваат подоходовни – но, само фиктивно. Од друга страна, гледано агрегатно, наодите упатуваат дека некои обврзници можеби решиле дел од доходот да го префрлат во друг даночен систем кој им нуди подобри услови – вели Ангеловска.

Таа додаде дека во следниот период ќе се работи на дизајн на оптимално решение, вклучувајќи ги сите засегнати страни и дека ќе се работи на механизми за намалување на сивата економија како еден од важните предуслови за воведување една вака комплексна даночна реформа. Исто така, дека во центарот на дебатата ќе се стави домаќинството, не индивидуата.

– На пример имаме едно лице кое зема доход од 100.000 денари, а е единствен кој работи во семејството – жената не работи, децата се мали и на нив практично тие 100.000 денари им се единствениот доход. Имаме друго семејство од четворица возрасни, сите работат и земаат по 50.000 денари секој. Кое семејство е побогато? Треба превид да се земе домаќинството – вели Ангеловска.

Таа посочува дека за да се вратат граѓаните во системот, тие треба да имаат доверба во него, односно дека сите си ги плаќаат даноците, како и зајакната доверба во институциите.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1