Димитров: Ние сме македонски народ и зборуваме на македонски јазик


Северна Македонија ја поздравува конзистентната поддршка на Република Бугарија за проширување на Европската Унија кон земјите на Западен Балкан. Исто така, сметаме дека почитувањето на Договорот за добрососедство од двете страни ќе биде важен чекор во контекст на пристапните преговори со ЕУ. Во духот на европските вредности цениме дека двете страни треба да се воздржат од условувања кои не водат кон унапредување на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Ова го вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за Дојче Веле на македонски јазик и Радио Слободна Европа, коментирајќи ја поддршката од Бугарија за почеток на преговори со ЕУ на нашата држава со одредени дадени услови.

„Со Договорот за пријателство и добрососедство почнавме еден многу важен историски процес на спријателување и зближување. Ако сакаме да успее тој процес треба да постои разбирање за другиот. Разбирањето за заедничката историја, мора да оди заедно со разбирањето за денешнината и иднината. За нас е од суштинска важност нашиот македонски идентитет – ние сме македонски народ и зборуваме на македонски јазик“, наведува Димитров.

„Сметаме дека не смее да биде доведена во прашање европскатата иднина на Северна Македонија и прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската Унија. Ние имаме право на самоопределување. Визијата на Софија ќе се поклопи со нашата визија, со заедничко разбирање за грижите на другиот. Историјата ќе не памти спрема тоа како сме се однесувале кон иднината“, посочува шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1