Градската куќа на кејот на реката Вардар, која беше ставена на продажба преку јавна аукција, беше продадена за почетната цена од 12,7 милиони евра. Новиот сопственик е компанијата ЕВН, која воедно била и единствениот понудувач.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов уште во септември ја најави продажбата Градската куќа, која почна да ја гради неговиот претходник Коце Трајановски во 2011 година. Според Шилегов, во овој објект немало место за сите вработени туку само за 350, а местото на администрацијата на главниот град не е некаде фрлено на страна, туку во центарот на градот.
Не е познато каде ќе се сели Град Скопје, иако продажбата ќе биде финализирана во следните неколку недели.
Повикот за пријавување на заинтересирани фирми за учество на електронската аукција траеше до 31 октомври, а ЕВН беше единствената компанија која се пријави.