Исклучените пратеници без шанси за враќање во ВМРО-ДПМНЕ пред изборите


Речиси и да нема шанси пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ да се вратат назад, брифираат извори до најголемата опозициска партија, пишува Press24.mk

Според нив, воопшто и немало разговори на оваа тема ниту на средбата која што Мицкоски ја имал со нивната пратеничка група. Според неофицијални информации такво расположение немало ниту на едната ниту на другата страна.

Дополнително, пратеникот Зекир Рамчиловиќ токму од мнозинството беше предложен за нов потпретседател на Собранието, што оние кои ја следат политичката сцена го разбираат како негово официјално преминување во коалицијата на власта, ако воопшто може да се каже и дека не бил таму, особено по уставните измени.

Зошто Рамчиловиќ се нафаќа на функцијата на само неколку месеци пред распуштањето на Собранието во собраниските кулоари е прашање кое се поврзува со предизборни калкулации но и лични прашања.

Извори од опозицијата велат дека е очекувано во овој период да почне сезоната на политички трансфери и пазарења, каде не се исклучува да бидат вклучени и пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, а имаат амбиција да се најдат на некоја од кандидатските листи. Иако лидерот Мицкоски на една прес конференција рече дека никогаш не треба да се каже никогаш во политиката, сепак, висок функционер од опозицијата вели дека разликите меѓу нив и сега веќе поранешните сопартијци остануваат длабоки.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1