Македонија им оддаде почит на светите браќа Кирил и Методиј


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и државно-црковната делегација, кои се во посета на Рим и на Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј, денеска положија венец цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Како што јави известувачот на МИА од Рим, Сиљановска Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.

„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност“, наведува претседателката во пораката, нагласувајќи дека мисијата на солунските браќа била далеку повеќе од создавање писмо – таа претставува цивилизациска траекторија што и денес нè насочува.

Таа истакна дека преку глаголицата, Светите Кирил и Методиј го отвориле патот кон писменоста и кон образованието на мајчин јазик – нешто што овозможило многу генерации да го задржат својот културен и јазичен идентитет.Во честитката, таа повика на негување на вредностите што ги отелотворуваат Кирил и Методиј – мудрост, вера, образование и обединетост – како темел за изградба на општество засновано врз знаење, почитување и достоинство.

„Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, порача претседателката.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој, за да ја стабилизира својата држава на политички план, преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и од околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1