Владимирово блесна во знакот на културата, почитта кон корените и наследството за идните генерации. Со здружени сили на селаните и сите потекнати од ова малешевско село, во само 70 дена беше целосно возобновена старата сала на Задружниот дом, која отсега го носи името на светски познатиот диригент Ванчо Чавдарски (1930 Владимирово – 2011 Бризбејн, Австралија).

Во чест на големиот маестро, свеченото отворање беше одбележано со концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“, под водство на виртуозот на обоа проф. Васил Атанасов, со специјален гостин – баритонот Борис Трајанов. За првпат Малешевијата беше домаќин на настан од ваков ранг, а салата беше преполна со публика која уживаше во изведбите на дела од европски и македонски композитори под диригентската палка на Ангел Спировски.

Проф. Васил Атанасов со емотивен говор се потсети на своето долгогодишно пријателство со Чавдарски, споменувајќи ја и последната средба во Сеул, Кореја, каде маестро Чавдарски пропатувал над 1000 километри само за да присуствува на неговиот концерт. Атанасов говореше и за богатата уметничка оставнина на Чавдарски и неговиот немерлив придонес за воздигнување на македонската култура и музика.

Во името на Културниот центар „Горан Алачки“, кој беше организатор на концертот, говореше Горан Алачки, а Камелија Левенска се обрати во име на Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, истакнувајќи ја важноста на зачувување на локалното културно наследство и иднината на Владимирово.

Настанот привлече бројни видни личности кои беа длабоко трогнати од атмосферата, енергијата и љубовта што ја споија традицијата и современоста. Овациите и долготрајните аплаузи, како што се вели, беа достојни на оние што ги добивал Чавдарски на концертните сцени ширум светот.

Иницијативата за обновување на салата е резултат на заедничките напори на Културниот центар „Горан Алачки“, Здружението за Владимирски Илинденски средби – „ЗВИС“ и Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, со цел да се врати животот во родното огниште. Веќе е најавено дека за неполн месец, во истата сала ќе се одржи првиот Фолк-фестивал на македонски народни песни „Владимирово 2025“.
За овој настан колумна напиша проф д-р Јове Кекеновски во која ги критикува локалните власти за недостаток на поддршка. Вели дека срамно е што никој од локалните власти не присуствувал на настанот. Ви пренесуваме дел од колумната објавена на МКД.мк

„ Во време кога повеќето села низ Македонија тивко умираат, кога културното ткиво се кине, секој искрен обид за враќање на животот треба да се слави како национален празник. Но, за жал, во општина Берово сведочиме на спротивното: на рамнодушност, на студенило и на малодушност што срами. И кога требаше сите да бидеме заедно – кога се славеше културата, музиката, историјата, споменот на најголемиот македонски диригент, достоинството – локалните власти на Берово се сокрија. Градоначалникот и општината не само што не беа заинтересирани за овој настан, туку и не ги удостоија своите сограѓани со својата присутност на отворањето на салата „Ванчо Чавдарски“ . Ни со гест, ни со збор, ни со почит. Кога настан со учество на оперскиот великан Борис Трајанов, Камерниот оркестар на скопските солисти на чело со професор Васил Атанасов, диригентот Ангел Спировски и други врвни уметници и вљубеници во Македонија и македонската музика и култура останува игнориран од највисоките локални власти, тоа не е случајност. Тоа е срам. Тоа е лична и колективна локална морална катастрофа.Но во секој случај, Владимирово одржа сериозна лекција што мора да остане запаметена: дека културата и љубовта кон татковината не молат за дозвола. Тие се создаваат.
Затоа поучен од овој настан упатувам јавен апел до сите градоначалници и советниците во локалните самоуправи – „Вашата позиција не е само чест, туку и огромна одговорност. Секој ден носите одлуки кои влијаат на животот на вашите граѓани. Не смеете да помислите да дозволите да се игнорираат иницијативи кои го враќаат животот во вашите општини?“ напиша проф д-р Јове Кекеновски