СДСМ со соопштение за најавите за ново парламентарно мнозинство


Владејачката СДСМ соопшти дека доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ навистина има ново парламентарно мнозинство очекува тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада.

„Односно ќе видиме дали ќе се избере нова анти-Преспа, анти-НАТО, анти-ЕУ и антидемократска влада со учесници во крвавите настани од 27 април“, се вели во соопштението на СДСМ по објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ново парламентарно мнозинство со Беса, Левица, Алијасна за Албанците и Алтернатива.

„Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт“ се вели во соопштението на СДСМ.

Во него е наведено дека евентуалното ново мнозинство ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година. Во продолжение се вели дека во наредниве денови ќе се утврди дали Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности.

СДСМ ги повикува подржувачите на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство да им се придружат.

„Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција. Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти,“ истакна СДСМ во соопштение.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1