Што е потпишано – текстот на договорот меѓу Србија и Косово


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, потпишаа договори со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина.

Договорите на Србија и Косово со САД имаат по 16 точки, првите 15 се исти во двата документи, додека точката 16 е различна.

Текстот на договорот наречен „Економска нормализација“ гласи:

Србија (Белград) и Косово (Приштина) се согласуваат да направат чекор напред во економската нормализација со прифаќање на следново:

Двете страни ќе го спроведат договорот за автопатот Белград-Приштина, потпишан на 14 февруари 2020 година.
Двете страни ќе го спроведат договорот за пругата Белград-Приштина потпишан на 14 февруари 2020 година. Покрај тоа, обете страни ќе се обврзат на заедничка физибилити студија за опциите за поврзување на железничката инфраструктура Белград-Приштина со пристаниште на Јадранско Море.
Косово (Приштина) и Србија (Белград) ќе соработуваат со Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД и ЕКСИМ (Увозно-извозна) банка на Соединетите Држави за меморандуми за разбирање за да се постигне следново: – Автопат на мирот – Железничка врска помеѓу Приштина и Мердарe – Железничка врска помеѓу Ниш и Приштина – Обезбедување средства за финансирање на заеми потребни за мали и средни претпријатија – Дополнителни билатерални проекти – Постојано присуство на Американската финансиска корпорација за меѓународен развој во Белград, Србија.

Двете страни ќе го отворат и управуваат со заедничкиот премин Мердаре.
Двете страни ќе се приклучат на „мини-Шенген зоната“, што Србија, Албанија и Северна Македонија ја прогласија во октомври 2019 година и целосно ќе ги искористат нејзините предности.
Двете страни меѓусебно ќе ги признаваат дипломите и професионалните сертификати.
Двете страни ќе соработуваат со Министерството за енергетика на САД и други релевантни тела на американската влада за да развијат физибилити студија за поделба на езерото Газиводе/Ујмани, како сигурен извор на снабдување со вода и енергија.
Двете страни ќе го диверзифицираат своето снабдување со енергија.
Двете страни ќе забранат употреба на 5Г опрема што доаѓа од несигурни добавувачи. Онаму каде таквата опрема веќе постои, двете страни се обврзуваат да ја отстранат навремено и да преземат други неопходни чекори.
Двете страни ќе ја зголемат контролата на патниците во авионите, ќе разменуваат информации меѓу себе и во поширока соработка со Соединетите Држави на Балканот и ќе се посветат на унапредување на технологијата за борба против недозволени активности, преку системи за скрининг и информации обезбедени од Соединетите Држави, вклучувајќи PISCES, APIS, ATS-G i SRTP.
Двете страни се обврзуваат да ја заштитат и промовираат слободата на вероисповедта, вклучително и обновување на меѓуверската комуникација, заштита на верските објекти и спроведување на судските одлуки во врска со Српската православна црква и продолжување на реституцијата на еврејскиот имот на жртвите на холокаустот без наследници.
Двете страни се обврзуваат да ги забрзаат напорите за лоцирање и идентификување на остатоците на исчезнатите лица. Двете страни се посветени на идентификување и спроведување на долгорочни, трајни решенија за бегалците и внатрешно раселените лица. Двете страни се обврзуваат да назначат лице кое ќе ги води овие напори во рамките на министерствата и ќе биде задолжено за координација на Белград и Приштина и да обезбеди ажурирани информации на годишно ниво за бројот на решени и нерешени случаи.
Двете страни ќе работат на тоа во 69 земји каде хомосексуалноста е казнива да дојде до нејзина декриминализација.
Двете страни се обврзуваат да го означат Хезболах како целина како терористичка организација и целосно да спроведат мерки за ограничување на деловните и финансиските активности на Хезболах во рамките на нсвојата надлежност.
Косово (Приштина) ќе се согласи да примени едногодишен мораториум на апликациите за членство во меѓународни организации. Србија (Белград) ќе се согласи на едногодишен мораториум на нејзината кампања за повлекување на признавањето (на независноста на Косово) и ќе се воздржи од формално или неформално барање која било држава или меѓународна организација да не го признава Косово (Приштина) како независна држава.

Двата договори стапуваат на сила веднаш.

Во договорот меѓу Србија и САД, точката 16 гласи: Србија (Белград) се согласува да отвори канцеларија на Стопанската комора и државна канцеларија во Ерусалим на 20 септември 2020 година и да ја пренесе амбасадата во Ерусалим до 1 јули 2021 година.

Во договорот меѓу Косово и Соединетите држави, точката 16 гласи: Косово (Приштина) и Израел се согласуваат на меѓусебно признавање.

Приштинските медиуми објавија фотографија од верзијата на договорот за Белград и договорот за Приштина, на кој нема потписи на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува ФоНет

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1