Стојанче Ангелов: Каде бев за време на пречекот на Јохан?


Веднаш да му одговорам на загрижениот Manjifiko. Бев на лекување. Ги лечев раните здобиени во Арачиново во 2001 година. Секоја пролет и есен поради наглите промени на воздушниот притисок и температурата имам сериозни здравствени проблеми. Верувам дека слични проблеми имаат сите луѓе кои имаат скршеници, операции, извадени делови од градниот кош, жици или други метални предмети во телото…

Ви го пренесуваме интегралниот текст од одговорот на поранешниот Генерал Ангелов за обвинувањата од некои медиуми каде бил за пречечот на Јохан Тарчуловски.

stojance(Одговор на некојси т.н. Manjifiko чиј текст со наслов “Каде беше лидерот на Достоинство на вчерашниот пречек на Јохан?“ е објавен на неколку провладини сајтови)

Во самиот наслов на текстот посочениот Manjifiko прашува “Каде беше лидерот на Достоинство на вчерашниот пречек на Јохан?“

Веднаш да му одговорам на загрижениот Manjifiko. Бев на лекување. Ги лечев раните здобиени во Арачиново во 2001 година. Секоја пролет и есен поради наглите промени на воздушниот притисок и температурата имам сериозни здравствени проблеми. Верувам дека слични проблеми имаат сите луѓе кои имаат скршеници, операции, извадени делови од градниот кош, жици или други метални предмети во телото…

На почетокот на текстот, авторот изнесува една многу глупава теза (што не значи дека е глуп, туку дека толку му сече умот или дека при добивањето на инструкциите за текстот не го разбрал добро нарачателот) во која тврди дека “Јохан е единствената жртва од конфликтот во 2001-та, неземајќи ги предвид херојски загинатите и повредените припадници на македонската војска и полиција“. Што му значи ова? Дали само Јохан е жртва или жртви се и херојски загинатите и повредените припадници на македонската војска и полиција???

Ако одговорот е позитивен, тогаш, според Manjifiko, јас припаѓам во групата на херојски повредените припадници на македонската полиција. Бидејки сите припадници на оваа група (херојски повредените припадници на македонската полиција) според Manjifiko се херои, значи дека и јас сум херој!!! Ти благодарам Manjifiko!!! Јас сум среќен човек!!! Јас сум голем човек!!! Јас сум херој!!!

За да нема забуна, доколку Manjifiko во 2001 година бил мал и не памети добро или бил надвор од Македонија (на пример на некоја грчка плажа) ќе му помогнам со неколку аргументи да разбере зошто јас припаѓам на групата која тој (а не јас) ја нарекува “херојски повредени припадници на македонската полиција“.

На 23 јуни 2001-та имав “среќа“ да учествувам во нападот на Арачиново, да учествувам не како обичен полицаец туку како полициски специјалец. И тоа, не како обичен специјалец, туку како заменик командант на Тигрите!!! Токму овој ден, доцна попладне, во еден подрум наидовме на загинат припадник од УЧК кој, додека умирал, неуспешно се обидувал да си ги врати цревата во расцепениот стомак. Беше здрвен, потемнет во лицето, телото згрчено, рацете му ги притискаа раскинатите црева. Облечен во црна униформа, со пушка на чиј кундак имаше изгравирано УЧК. Нека му е лесна земјата… Знаевме дека неговите бргу ќе дојдат по него. Припадниците на УЧК по ниедна цена не ги оставаа своите мртви.

Со уште двајца полициски старешини веднаш тргнав кон позицијата на армиските Волци која се наоѓаше во соседната куќа. Стигнав точно на средина помеѓу двете куќи. И тогаш почна… Најпрво ракета од РПГ тресна на неколку метри од мене. Силината на експлозијата ме занесе. Куршуми фрчеа на сите страни. Одеднаш силен удар ме фрли во прашината… Истрели, рафали, експлозии, минофрлачки гранати, РПГ ракети… Упатени кон местото на кое паднав. Знаев дека веднаш морам да исползам на безбедно. Напнав со сета сила… Во истиот момент силен млаз од крв ми излета низ уста. Хорор… Додека крвта со силни млазеви ми истекуваше низ уста, сфатив дека умирам. Заедно со крвта од мене истекуваше и животот. Знаев дека ако се онесвестам ќе умрам од самозагушување со крв… Додека умирав, во мислите ми се појави мојата малечка ќерка која наредниот ден требаше да го прослави својот втор роденден. Наместо да бидам покрај неа, јас претав како заклано животно, умирајќи во арачиновската прашина…

И, се случи чудо. Останав жив… Жив но осакатен. Куршумот минувајки низ градниот кош го пробил моето десно белодробно крило, кинејки ја притоа најголемата артерија, поради што настанало обилно крварење. Др. Митко Караѓозов, благодарение на кого денес сум жив, морал да отстрани дел од моето десно белодробно крило, со метална жица ми ги врзал двете скршени ребра, од кое едното скршено на две места, но било невозможно од моето тело да се извадат повеќе од пеесетина ситни шрапнели од бакарната кошулица на куршумот.

Кога се освестив во шок соба, забележав дека две гумени црева излегуваат од мојот граден кош. Гледав како преку нив непрекинато се цеди крв. Со денови крвта, капка по капка, истекуваше од мојата утроба. Бев под 24 часовна терапија со морфиум. Секое земање на воздух за мене беше страшно искушение. На моменти ми се идеше да престанам да дишам. Колку само ме болеше. А кога ќе се накашлав… Мислев дека ќе умрам. Четвртиот ден осакатениот бел дроб ми се наполни со некоја течност. Др. Митко Караѓозов дојде со еден шприц, кој мене ми изгледаше голем колку игла за плетење. Без да ми стави опојка, ми го заби шприцот во грб. Чувствував како иглата ја пробива кожата, го пробива месото, се зарива во белиот дроб… Колку само болеше…

На неколку метри од мене, во другата просторија, неколку дена подоцна умре Оливер Китановски, дваесетгодишен специјалец од Тигрите, тешко ранет во пределот на главата, ранет неколку часа после мене, од другата страна на Арачиново. Преку еден кревет од мене, во кома лежеше Александар Серафимов, дваесетгодишен специјалец од Тигрите, тешко ранет во главата, во Матејче, на почетокот на јуни 2001-та. Понекогаш, кога ќе се приближев до неговиот кревет и ќе почнев да му зборувам, иако беше во кома, некако ми го препознаваше гласот и почнуваа да му течат солзи. Колку само сакаше да живее… Почина подоцна, во октомври 2001-та.

Преживеав вкупно десет пеколни денови во шок соба. The horror…

Десетиот ден и покрај противењето на директорот, излегов од шок соба. Останав уште 7 (седум) дена на домашно лекување. Осмиот ден, спротивно на сите медицински правила, се вратив на работа, ја облеков мојата црна униформа и го земав моето оружје.

По излегувањето од шок соба уште 40 дена пиев три до четири пати дневно по две апчиња тродон или трамадол.

И покрај ваквата повреда, горд сум што можам да се пофалам дека денес, и покрај постојаните болки во дијафрагмата, јас сум во состојба да направам повеќе од 50 склекови, барем 10 згибови на вратило, со рака можам да скршам најмалку 5 ќерамиди, со глава не сум сигурен, ми тече крв од челото:)

Да се вратам на обработката на текстот на т.н. Manjifiko (се надевам дека еден ден ќе дознаам кој се крие зад овој псевдоним).

Голем грев е тврдењето на Manjifiko дека “Јохан е единствената жртва од конфликтот во 2001-та, неземајќи ги предвид херојски загинатите и повредените припадници на македонската војска и полиција“. Со сета почит кон Јохан и кон сите загинати и повредени припадници на македонската војска и полиција, чувствувам должност да укажам дека, безмалку и да нема припадник на полицијата или армијата кој реално учествувал во воениот конфликт во 2001 година а кој не е жртва и кој не трпи одредени последици. Тоа што повеќето бранители не сакаат да зборуваат јавно за своите проблеми е сосем друга работа. Затоа не треба да се губи од предвид фактот дека сите ние, заедно, без разлика дали бевме припадници на полицијата, армијата или резервниот состав, сме заслужни за одбраната на Република Македонија. Фаворизирањето на било кој бранител не е чесно кон останатите бранители.

Авторот Manjifiko понатаму тврди дека “целиот настан, за жал на сите, повторно и повторно доби идеолошка заднина и повторно пред македонските и националните интереси беа ставени ситните партиски и бизнис интереси“. Вакво извртување на тезите е ненормално. Во прави си Manjifiko (кој и да си). Токму така. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ повторно, по којзнае кој пат, ја злоупотреби личната голгота на еден човек (пред неколку години тоа беше Љубе, денес тоа е Јохан) и повторно пред македонските и националните интереси ги стави ситните партиски и бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата.

Понатаму Manjifiko објаснува дека “затоа што веќе е излишно да се коментира игнорирањето на опозицијата и нејзиното игнорирање на вакви настани, би сакале да го прокоментирање недоаѓањето на Стојанче Ангелов, таканаречениот лидер на македонските бранители“.

А тоа ли е проблемот??? Тоа ли ве боли??? Тоа што повеќето граѓани и бранители ме доживуваат како лидер на македонските бранители??? Ајде нека ви биде. Од денес јас повеќе не сум “таканаречен лидер на македонските бранители“!!! Од денес ќе бидам само претседател на “Достоинство“ и лидер само на оние бранители кои ме прифаќаат како лидер!!! Па колку и да се!!!

На крајот Manjifiko коментира дека “во ниедно регуларно општество не би требало да се случуваат вакви работи. Не е добро да не се испочитува човек кој лежел затвор за Македонија, не е добро еден бранител по одлежана робија да не биде пречекан од оној којшто се декларира себеси како лидер на сите оние кои застанаа да ја бранат Македонија во 2001-та“.

Manjifiko. Како прво. Моја работа е кого јас ќе почитувам а кого не. За разлика од вас, јас самиот, или заедно со моите соработници, ги носам моите одлуки. Мене умот не ми е испран. Мене никој не ми кажува што да правам, што да пишувам и што да кажам. Како второ, тоа што не сум го пречекал Јохан на аеродром не значи дека не го почитувам. Каква ти е таа “имаш ли аквариум“ логика??? Да не требаше да дојдам на плоштад и да застанам помеѓу “патриотите“ Груевски, Јанкулоска и Мијалков и да шлакам раце??? Перверзно. А ти мислиш дека овие што ги набројав навистина го почитуваат Јохан??? И дека навистина се загрижени за него??? Ај не заебавај!!!

Сосем за крај, да ти дообјаснам дека јас не се декларирам како лидер на сите оние кои застанаа да ја бранат Македонија во 2001-та. Напротив. Јас СУМ лидер на сите оние кои застанаа да ја бранат Македонија во 2001-та. Како што реков, до денес. Од денес па натаму повеќе не сум. Ќе бидам лидер само на оние бранители кои ме прифаќаат како лидер!!! Па колку и да се!!!

Сабота, 13 април 2013 година, 03.32 часот

Генерал Стојанче Ангелов
Претседател на “Достоинство“
Поранешен лидер на македонските бранители
Сегашен лидер само на оние бранители кои ме прифаќаат како лидер:)

MK News

Автор инфо

2 Responses to “Стојанче Ангелов: Каде бев за време на пречекот на Јохан?”

  1. WordPress › Error

    There has been a critical error on this website.

    Learn more about troubleshooting WordPress.