Најмалку 15 лица загинаа, од кои 11 деца во вчерашниот напад над позициите на бунтовниците во предградието на Алепо во Сирија, соопшти Опсерваторијата за човекови права, тврдејќи дека нападот го извеле владините сили.
Во потресното видео снимено по нападот, се гледа како луѓе трагаат по преживеани под урнатините, а повредените беа пренесувани во возилата на итната помош.
На видеото се снимени и две мали момчиња, браќа, како прегрнати плачат, затоа што во бомбардирањата го загубиле својот помал брат. Потресната снимка брзо се рашири по социјалните мрежи, а на неа реагираа илјадници луѓе.
Ова потресно видео доаѓа само една недела откако светот го виде малиот Омран, исто така од Сирија како мирно седе целиот во прашина и крв, откако беше извлечен од рушевините по бомбашки напад.