УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ: ШВАЈЦАРИЈА ЌЕ ЗАБРАНИ ПОКРИВАЊЕ НА ЛИЦЕТО ВО ЈАВНОСТ


Со тесно мнозинство, 52 проценти „за“, 48 проценти „против“, Швајцарците на референдум одлучија да забранат покривање на лицето на јавни места.

Швајцарија на референдум одлучи да се забрани покривање на лицето во јавност, вклучувајќи ги бурките и никабот, кои ги носат муслиманките. Официјалните резултати покажаа дека за мерката гласале 51,2 отсто од гласачите, а против бил 48,8 отсто, што е доволно забраната да биде впишана во швајцарскиот устав.

Предлогот за референдум беше на десничарската партија СВП, чија што кампања беше со слоганот „Стоп за екстремизмот“.

Претходно вакви забрани воведоа Франција, Белгија и Австрија.

Одлуката исто така забранува прекривки што ги носат муслимански жени како бурка и никаб, а забраната се однесува на јавни места како што се ресторани, спортски стадиони, јавен превоз или одење по улица. Исклучоци би биле на религиозни места и од безбедносни или здравствени причини, како што се маски за лице што моментално се носат за заштита од ковид-19, како и за традиционалните карневалски прослави.

Иницијативата за референдум била покрената од Швајцарската народна партија (СВП), која ја поврза забраната за бурка со борбата против „радикалниот политички ислам што се шири низ Швајцарија“. Сепак, швајцарската федерална влада и големото мнозинство во парламентот во Берн биле против оваа иницијатива, велејќи дека со тоа се решава маргинален проблем затоа што, според Универзитетот во Луцерн, никој во Швајцарија не носи бурки и само 30 жени носат никаб.

Иницијативата предизвикала многу јавни дебати, но за Валтер Вобман, пратеник на СВП и претседател на Комитетот за референдум, забраната е симболична порака.

“Угнетувањето врз жените нема што да бара во нашето општество и затоа покренавме иницијатива. Жените тука го покажуваат лицето. Тоа е знак на нашиот слободен, демократски социјален поредок”, рече тој, велејќи дека тоа не е одлука против исламот, туку против екстремизмот.

Патем, предлогот за забрана на покривање на лицата во швајцарската јавност се појави уште во 2017 година со цел да се попречат демонстрантите и фудбалските хулигани кои се кријат под маски кога предизвикуваат немири. Исламот не бил директно споменат во тој предлог. Покрај Швајцарија, Франција забрани носење превез преку цело лице на јавни места во 2011 година, а Данска, Австрија, Холандија и Бугарија имаат тотални или делумни забрани за покривање на лицето во јавност. Швајцарија има две години да ја спроведе одлуката од референдумот во закон.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1