Влада: Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ


До сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи, се наведува во реакцијата на Владата доставена до МИА по денешниот состанок на Советот на министри на Унијата.

– Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, се наведува во реакцијата.

Според Владата, преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија и нашиот напредок во евцроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Унијата и постигнувањето на европските стандарди.

– Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците, се додава во реакцијата.

Владата потенцира дека Македонија и Бугарија се блиски држави, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО, па сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со взаемна почит и разбирање.

– Имаме заеднички геополитички интереси, за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побрзо да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридор 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство, се потенцира во соопштението.

Владата изразува благодарност на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

– Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината. Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција, се нагласува во реакцијата.

Во соопштението се упатува голема благодарност до сите граѓани од сите етнички заедници во Македонија и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, за поддршката која се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.

– Нашата Влада останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Патот ни е многу трнлив и полн со предвидливи и непредвидливи предизвици. Но, нема откажување. Реформите продолжуваат, се истакнува во реакцијата.

Во соопштението се потенцира и дека нема ни трошка вистина во манипулациите кои ги пласираат дел од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, за наводно „распродавање на македонскиот идентитет”.

– Апелираме до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да се радуваат на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознаат моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки, се наведува во владината реакција по денешниот министерски состанок на ЕУ, на кој Бугарија се спротивстави на одобрувањето на преговарачката рамка на земјава со Унијата.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1