Вонредна состојба во Венеција по катастрофалните поплави, во градот нема струја


Италијанската влада денеска ќе прогласи вонредна состојба поради природната непогода во Венеција, со цел што побрзо да се мобилизираат средства за да се избегне исчезнување на еден од најубавите градови на светот.

Непосредно пред полноќ, нивото на морето запре на 77 сантиметри, далеку од вчерашните 1,87 метри, што не беше видено во последните 53 години.

„Катастрофата што ја погоди Венеција е удар во срцето на нашата земја. Тешко е да се види градот толку уништен, неговото уметничко наследство е во ризик, трговските активности на колена“, рече премиерот Џузепе Конте, кој дојде во посета на градот.

Владата ќе се состане во Рим во денеска попладне за да прогласи вонредна состојба поради природната катастрофа во Венецијанската зона, постапка што и дава на владата „посебни овластувања и ресурси“ да дејствуваат што е можно поскоро.

„Ние сме подготвени да ги насочиме средствата“, рече Конте, кој на својата страница на „Фејсбук“ објасни дека ќе присуствува на состанокот на венецијанските локални власти за да разговара за штетата и да подготви решенија.

Порастот на морето вчера во комбинација со ветрови и дождови го поплави скоро целиот град: Гувернерот на регионот Лука Заја зборува за 80 проценти. Седумдесетгодишен маж загина од електричен удар.

Морето ги прекри гондолите, ги поплави продавниците, баровите, рестораните и предизвика прекини на електрична енергија низ целиот град.

Стотици туристи мораа да се пробиваат кон нивните хотели преку вода понекогаш длабока до коленото.

Најлошите поплави во Венеција во последно време се забележани во 1966 година кога приливниот бран достигна 194 сантиметри.

Градот, кој има 50.000 жители, секоја година прима околу 36 милиони туристи, од кои 90% се странци.

„Иднината на Венеција е во прашање. Не е веќе можно да се живее вака. Потребна е безбедност за да живее тука. Нашиот меѓународен кредибилитет е во прашање“, рече градоначалникот Луиџи Бруњаро.

Градоначалникот смета дека е приоритет да се заврши мегапроектот на браната МОИСЕ (експериментален електромеханички модул) што е можно поскоро за да се заштити целиот венецијански басен, а Конте смета дека најверојатно би можел да биде комплетиран до пролетта 2021 година.

Премиерот исто така вети дека ќе ја надомести штетата, за која рече дека не може да се пресмета во овој момент.

Министерот за животна средина смета дека причините за катастрофата се јасни: „Ова е директна последица од климатските промени и „тропикализацијата “со поројни дождови и силен ветер“.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1