Мортен Сторм или меѓу муџахедините познат како Мурат ал Данмарки, наводно преобратен во ислам и брат-џихадист, кој сакал да врши злосторства на Западот. Меѓутоа, Данецот Сторм всушност бил агент на контраразузнувачката служба МИ5, а неодамна напишал и книга во која ги открива деталите од својот застрашувачки двоен живот.Неговиот вистински идентитет не го знаеле дури ни неговата сопруга Фадија и децата што ги имал со неа.
„Видов доволно брутални погубувања од страна на Ал каеда за да бидам свесен за сопствената судбина ако ме разоткријат: ме чекаше бавно и дивјачко отсекување на главата, или распнување, по што телото со денови ќе ми беше оставено на крстот“, ги објаснува тој „ризиците на професијата“.
„Со калашников во раката, возев на состанот со еден од најважните луѓе на Ал каеда, Насер ал Вухајси, за кој се тврдеше дека ќе го наследи Бин Ладен. Подоцна таа ноќ, во јануари 2012, бев поздравен како доверлив пријател и бев повикан да го направам следниот чекор во својата предаденост на исламот, да им положам заклетва на Ал каеда и Вухајси. Без многу избор, изговорив: „Ќе му бидам верен на лидерот на верните и ќе се борам за Алах“, се сеќава тој во својата книга.
На тој начин црвенокосиот и бледолик западњак, поранешен дански малолетен деликвент, моторџија и затвореник, а потоа наводно искрен преобратен муслиман, станал заколнат припадник на Ал каеда, предаден на борбата за уништување на куфарите (неверниците), пред сѐ во Британија и САД.
Станувало збор, нормално, за маска, под која Сторм успешно дејствувал како шпион и работел за западните разузнувачки служби.
Постојано менувајќи ги облеката, пасошите и идентитетите, секогаш сконцентриран и внимателен, во ситуација кога една погрешна реченица или „провален“ телефонски разговор би можеле да го чинат живот, низа години успешно работел како шпион и успеал да спречи голем број бомбашки и други терористички планови и да овозможи дел од најопасните потенцијални терористи да бидат сместени зад решетките пред да ги извршат планираните злодела.
За тоа до која мерка била сурова играта сведочи и следното – Сторм се сеќава дека во една прилика, проверувајќи ја неговата способност за шпионска активност, психологот на МИ5 го прашал: „Што би правел доколку си со Ал каеда и ти наредат да погубиш затвореник?“ Пред самиот да успее да одговори, психологот му го кажал единствениот правилен одговор: „Би го убил, бидејќи не смееш да предизвикаш сомнеж“.
Сторм не открива дали се нашол во таква ситуација и дали морал да убие некого во името на исламот и борбата за алах.