По повлекувањето на водата од поплавата што пред еден месец го зафати Чешиново, за жителите се појави нов проблем. На сретсело остана голема бара од која се шири неподнослива смрдеа, а се појави и необичен вид комарци кои по каснувањето оставаат големи отоци на кожата, јавува Канал8.
Чешиновци се жалат дека наутро и во доцните попладневни часови немаат мир од овие комарци, а некои веќе побарале и лекарска помош затоа што отокот не спласнува и по два-три дена.
– Не се тие старите што беа, има едни поголеми, влегуваат дома по собите, имаат големи крилца и удираат по нозете. Опасни се, заразни се, штом ќе те касне веднаш се познава белег, на увото, на рака, рече жител на Чешиново.
– Ова е од фекалиите, од фекалиите што се излеаја од поплавата, па се појавија комарците. По боја се црвени, големи и многу заразни, кој рака, кој око, уво, нога, кај сите е отечено. Еве, јас денеска бев на лекар и ми кажаа дека тоа било многу голема зараза, рече жител на Чешиново.
Стручните лица – познавачи на однесувањето на инсектите потврдуваат дека е можно нов вид комарци да е дојден од соседните држави каде исто така имаше поплави и зголемено ниво на влажноста на почвата.
– Влажноста е еден од условите за појава на поголем број комарци, кои би биле можеби поагресивни, кои доста се интересни за истражување. Можно е од постојните места во соседните држави со зголемена влажност, лесно со ветерот можат да дојдат и некои комарци, кои би можеле да пренесат некои заразни болести што ги нема или многу ретко се јавуваат кај нас, рече Душан Спасов, ентомолог.
Во барата што се создала од фекалната вода во Чешиново се насобрале и купишта отпадоци што жителите од околните куќи ги фрлаат овде.
– Не се излегува навечер тука, мора да се преземе нешто, не може да се исцеди, ниско е, единствено да се наполни со нешто, рече жител на Чешиново.
Жителите на Чешиново велат дека прскањето против комарците што неодамна се спроведе и во нивната општина се уште не покажало видливи ефекти. Очекуваат Локалната самоуправа да преземе мерки барата да се исцеди и да се пополни со земја, а на ова месот да изгради детско игралиште како што било предвидено со урбанистичкиот план.