Острите реакции на Македонците од Општина Пустец ги прекинаа дивите ископувања почнати деновиве на островот Мал Град, во Преспанското Езеро. Според Спасе Мазенковски, историчар, без дозвола албанско-грчка група археолози, како и пред две години, почнала археолошки ископувања без да ја информира локалната власт, а за дозвола не ни станува збор.
– И пред две години се случи истото. И тогаш по нашата реакција, ископувањата беа прекинати. Жителите од Пустец се вознемирени од илегалното ископување од грчки археолози имајќи ги предвид односите меѓу Македонија и Грција. Грција секогаш ја преиначувала реалноста за Македонија. Бараме од соодветните институции да соработуваат со македонските експерти зашто Грција ќе ја скрие вистината – вели Мазенковски.
Според него, пронајдените археолошки предмети треба да се етикетираат според периодот од кој потекнуваат и да се презентира реалноста, но како што вели, не верува во грчките археолози. Затоа, вели Мазенковски, албанските археолози треба да соработуваат единствено со македонските колеги.
Директорот на Управа за заштита на културното наследство на Република Македонија, професор Виктор Лилчиќ-Адамс, беше изненаден од обидите на археолози да истражуваат без дозвола, но и восхитен од постапката на месното население во Пустец, кое сака да си го сочува тоа што му припаѓа.
Управата за заштита на Спомениците на културата во Kорча формирала работна група за верификација на фактичката состојба на терен, по известувањето за ископувањата во Општина Пустец. Од увидот било потврдено дека албанско-грчката група археолози не поседува соодветна документација и оти веќе ископала четири дупки со должина од 5 метри и длабочина од 1 метар. Ископувањата се сметаат за нелегални, па веднаш се прекинати.
Мал Град богат со артефакти од сите времиња
Пред три години заедничка грчко-албанска археолошка експедиција на Мал Град откри гробница со десетина гроба, кои датираат од праисторијата од бронзен до византиски период. Во речиси сите гробови немало инвентар. Гробовите се поставени во гробницата во четири дела. Секој гроб е одвоен од другиот со ѕид, а целата гробница е опкружена со ѕид, што е карактеристика од римскиот период.
Истражувања покажаа дека островот Мал Град бил населен уште од праисторијата, односно и пред цар Самуил, каде што била неговата летна палата.