По соборувањето на малезискиот авион со 295 патници и членови на екипажот над Украина, голем број меѓународни авиокомпании соопштија дека ќе ги запрат или пренасочат летовите над источниот дел од земјата.
– „Луфтханза“ одлучи да го избегнува просторот над Источна Украина и таа одлука веднаш стапува во сила, соопшти портпаролката на најголемата германска авиокомапнија, додавајќи дека авионите и понатаму ќе слетуваат во Киев и во Одеса.
„Туркиш ерлајнз“ исто така соопшти дека ќе го избегнува украинскиот воздушен простор, а истото го потврдија и британската „Вирџин“, руските „Аерофлот“ и „Трансеро“, како и француската авиокомпанија „Ер Франс“.
Неименуван извор од Руската федерална агенција за воздушен сообраќај тврди дека Киев пред три дена го затвори воздушниот простоир над Доњецк и Луганск за цивилен авиосообраќај. Но, украинската служба за авиоконтрола изјави дека воздушниот коридор над 9.600 метри е отворен за цивилен сообраќај.
Соборениот малезискин авион наводно летал на висина од 10.600 метри кога исчезна од радарите.