По падот на малезискиот патнички авион на украинска територија, турската национална воздухопловна компанија „Туркиш ерлајнс“ ги прекина сите летовите над Украина, изјави советникот за медиуми на компанијата Али Генч.
– Бидејќи ситуацијата е многу тензична, додека се не се разјасни, донесена е одлука за прекин на летовите на нашите авиони над Украина, изјави тој.
Кога почна руско-украинскиот конфликт, беше затворен воздушниот простор над Крим. Но, до падот на малезискиот авион турските авиопревозници ги немаа откажано летовите над Украина.
Не се наведува до кога „Туркиш ерлајнс“ нема да лета над Украина.
По несреќата неколку големи авиопревозници од Европа, вклучувајќи ги и „Луфтханза“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Аерофлот“ и „Ал Италија“, исто така одлучија да ги запрат своите летови преку воздушниот простор над источна Украина.
Европската организација за безбедност на воздухопловството (Еуроконтрол) нареди воздушниот простор над Украина да се затвори за сите цивилни летови.