Немири меѓу Србите и Албанците беа спречени од полицијата во северниот дел од Косово по прекинот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Албанија во Белград откако над стадионот надлета летало со симболи на Голема Албанија, пренесува порталот kossev.info, пренесува Курир
Припадници на косовската полиција, на полициската мисија на Европската унија – Еулекс и воената мисија под команда на НАТО – КФОР, употребиле шок бомби за да ја растераат масата косовски Албанци кои излегле на улиците од северниот косовски град Косовска Митровица и се обиделе да влезат во северниот дел од градот каде што мнозинство е српското население.
Според извештаите на локалните медиуми, група луѓе се собраа на двете страни од мостот на реката Ибар која го дели градот на албански и на српски дел, меѓутоа се наведува дека Србите не покажувале агресивност. Претходно косовските Албанци излегле на улиците за да го прослават прекинувањето на мечот во Белград откако братот на албанскиот премиер Еди Рама – Олси Рама, беше приведен под сомнение дека директно го организирал и раководел со инцидентот со леталото на далечинско управување коешто влечеше знаме со карта на Голема Албанија, поради што мечот беше прекинат во 44 минута.
Белградските медиуми јавуваат дека помладиот Рама при апсењето рекол дека „не му можат ништо“ бидејќи е државјанин на САД и се легитимирал со американска патна исправа.