Телото на 23 годишната Дениса Марковска ќе го транспортира грчка погребална компанија најдоцна до понеделник. Трошоците ги покрива Министерството за надворешни работи, а телото ќе оди на обдукција во судска медицина во Скопје, објави Алфа ТВ.
Информациите за Алфа ги потврди семејството и МНР.
Незадоволни од досегашната истрага што се води во Грција, родителите на девојката планираат приватна тужба против руската компанија и капетанот на бродот „Серенисима“. Токму заради тоа семејството очекува од македонските власти да им помогне да ги добијат сите документи и наоди од крајбрежна стража со кои би ја поткрепиле тужбата.
Истрагата во обвинителството на Крит се уште трае. Две паралелни истраги не можат да се водат и покрај тоа што се работи за македонски државјанин, вели за Алфа државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
„Немам причина да се сомневам во исправноста на постапката“-е ставот на обвинителот. Дека нешто се презема во грчкото обвинителство со случајот Дениса на Зврлевски му е доволно тоа што бил побаран примерок за ДНК анализа.
Причините за смртта на прилепчанката која исчезна од бродот на кој работела и чие тело беше пронајдено во морските води и натаму се барем официјално непознати.