Не е среден. Нема кој да го потшиша и избричи, фризерката ја нема. А ваков не е во состојба да прима посета. Вака членови од семејство реагирале кај надлежните во Геронтолошкиот завод 13 Ноември каде престојува нивни близок роднина. Вработената фризерка во Заводот била на одмор. Според информации на zdravstvo24, биле видно загрижени што немало кој да му направи фризура.
Иако е куриозитет и звучи смешно, во оваа институција фризерката е неопходен член на персоналот. Порано биле вработени две, но едната ја напуштила работата. Како здравствена установа која не ги лекува болните туку само даваат симптоматска терапија и пружаат 24 часовна нега за болните, ваквите услуги велат дека им се неопходни на пациентите. Имајќи во предвид дека на многу болни геријатрија им е втор дом и таму поминуваат и по неколку децении, правењето фризури е само еден сегмент од подобрување на квалитетот на живот.
А за во иднина да нема револт кај оние кои останале неизбричени, од Геронтолошки завод велат дека бараат уште една фризерка.