Џихадистите од групацијата Исламска држава отворија социјална мрежа слична на Фејсбук, наречена Калифатбук, но таа синоќа беше урната, пишува британскиот весник „Индепендент“.
Сајтот наводно е воспоставен како алтернатива на социјалната мрежа наменета за приврзаниците на џихадистичката групација, која зазеде големи делови од Ирак и Сирија и ги прогласи за исламски калифат.
Калифатбук беше регистриран кај американскиот интернет провајдер „Гоу Деди“ на името Абу Мусаба, за кој се наведува дека е од Египет, но сега живее во Мосул, пишува весникот.
„Индепендент“ појаснува дека Мосул е град во северен Ирак, кој моментално е под контрола на ИД, како и дека Абу Мусаба на арапски значи „Таткото на Мусаба“, што би можело да се однесува на поранешниот лидер на џихадистите во Ирак, Абу Мусаба ал Заркави, кој загина во американски воздушен напад во 2006 година.
Одговорноста за уривање на Калифатбук ја презеде хакерската група Анонимуси.