Во протестите во Приштина во вторникот, на кои им претходеа нови инциденти во косовскиот парламент, повредени се 17 полицајци, од кои двајца потешко, а основниот суд во Приштина издаде налог за апсење на четворица пратеници од опозицијата.
По инцидентот во собранието на Косово во кој по третпат беше фрлен солзавец и употребен пепер-спреј, приштинскиот основен суд издал налог за апсење на опозицискиот пратеник и челник на движењето Самоопределување, Албин Курти, како и за неговите двајца парламентарни колеги Албиулен Хаџиу, Фатон Топали и Доника Каба-Бујупи од Алијансата за иднина на Косово, поради користење на солзавец на пленарната седница.
По инцидентот во парламентот, пред зградата се судрија демонстрантите и полицијата врз којашто беа фрлани камења и црена боја. Во безредијата се оштетени 12 полициски и цивилни возила, а направена е голема материјална штета на зградата на косовскиот парламент.
Инцидентите започнаа кога во собраниската сала опозициските пратеници повторно ја опструираа седницата употребувајќи солзавец и пепер-спреј, во моментот кога на дневен ред беше нацрт буџетот за 2016 година.
Опозициските пратеници ја опколија парламентарната говорница во моментот кога претседателот на парламентот Кадри Весели ја отвори седницата, а во салата влегоа десетина припадници на собраниското обезбедување коишто поранешниот челник на движењето Самоопределување, Албин Курти ги испрска со спреј, а пота ги испрска и некои од министрите во косовската влада.
Истовремено, други опозициски пратеници фрлија солзавец во собраниската сала, по што седницата беше прекината и свикан состанок на челниците на пратеничките групи. По повторениот инцидент со солзавец, седницата треба да се одржи во друга сала.